Светските медиуми пишуваат за притисоците врз музичарите во Србија: „Еден од најмрачните периоди за културната сцена“

IQ Magazine и Pollstar пишуваат за притисоците врз музичари и фестивали во Србија кои ги поддржале студентските протести, откажани концерти и наводни „црни листи“.

Состојбата на музичката и културната сцена во Србија стигна и до светските специјализирани медиуми. IQ Magazine, еден од водечките магазини посветени на концертната и музичката индустрија, објави текст за наводните притисоци врз музичари, фестивали и организатори кои јавно ги поддржале студентските протести.

Во текстот се пренесуваат сведоштва за откажани концерти, затворени врати на фестивали и клубови, наводни „црни листи“, како и страв кај организаторите дека би можеле да останат без јавно финансирање и спонзорства доколку ангажираат изведувачи кои застанале зад студентите.

Протестите во Србија траат од ноември 2024 година, по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Според IQ Magazine, последиците од политичката и општествената криза сè повеќе се чувствуваат и во музичката индустрија.

„Нема слободен термин“

За состојбата пред меѓународниот магазин зборувале раперот и писател Марко Шелиќ Марчело, членовите на групата „Гоблини“, претставници на EXIT Festival, како и Немања Маријан од Arsenal Fest.

Од „Гоблини“ тврдат дека проблемите започнале по нивната отворена поддршка за студентските протести и објавувањето песна посветена на студентите. По откажувањето на нивниот концерт на „Денови на пивото“ во Зрењанин, следувала и Зајечарската гитаријада.

Според бендот, во текот на 2026 година во Србија одржале само два концерта, додека најголем дел од настапите им биле во странство.

„Местата на кои порано редовно одржувавме концерти сега ни велат дека за нас ‘нема слободен термин’“, изјавиле членовите на бендот за IQ Magazine.

Слично искуство опишува и Марчело, кој тврди дека фестивалите што зависат од градските буџети повеќе не ги повикуваат, а дека од нив се дистанцираат и дел од приватно финансираните настани.

„По две децении кариера, бендот и јас повторно сме на почеток: немаме ништо освен талентот и нашите инструменти, исто како и сите останати кои се наоѓаат на режимската црна листа“, изјавил Марчело.

EXIT предупредува на сериозни притисоци

Особено остри обвинувања изнеле претставниците на EXIT Festival, според кои во Србија се одвива „систематска елиминација на слободоумната културна сцена“.

Од фестивалот тврдат дека организатори, промотери, бендови и уметници кои ги поддржале студентите се соочуваат со ограничени можности за настапи и финансирање.

EXIT претходно објави дека го напушта својот долгогодишен дом во Нови Сад и продолжува како патувачки фестивал. Како причина организаторите ги наведоа политичките и безбедносните притисоци, како и повлекувањето на повеќе од 1,5 милиони евра јавно кофинансирање и спонзорства од компании под државна контрола.

Arsenal Fest: Нема „црни листи“

Од друга страна, Немања Маријан од Arsenal Fest ги отфрлил тврдењата дека фестивалот создава „црни листи“. Тој посочил дека низ годините на фестивалот настапувале уметници со различни политички ставови.

Сепак, ова лето на социјалните мрежи стана вирално сведоштво на посетител кој тврдеше дека бил исфрлен од фестивалот откако на пријателки им делел налепници со пораката „Студентите победуваат“. Неговите тврдења потоа ги пренесоа повеќе профили и страници.

За состојбата во Србија претходно пишуваше и американскиот магазин Pollstar, кој оцени дека српската културна и креативна сцена се соочува со „едно од најмрачните периоди во поновата историја“.

Со интересот на IQ Magazine и Pollstar, случувањата на српската музичка сцена веќе не остануваат само внатрешно прашање, туку стануваат тема и во меѓународната музичка индустрија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс