Природниот гас над 80 евра: Цената во Европа највисока од 2023 година, не очекува ли нов ценовен шок?

Цената на европскиот пазар расте поради стравувањата од нови прекини во снабдувањето, а приближувањето на зимата дополнително го зголемува притисокот

Цената на природниот гас на европскиот пазар денеска надмина 80 евра за мегават-час, достигнувајќи го највисокото ниво од јануари 2023 година. Растот е поттикнат од сè поголемите стравувања дека ситуацијата на Блискиот Исток може да предизвика нови прекини во снабдувањето со енергија.

Фјучерсите за природен гас со испорака следниот месец на холандскиот TTF пазар, кој е главен референтен пазар за цената на гасот во Европа, во текот на денот поскапеа за 6,8 отсто, достигнувајќи 80,98 евра за мегават-час.

Иако цената сè уште е далеку под рекордните нивоа од енергетската криза во 2022 година, таа е повеќе од двојно повисока во однос на почетокот на војната на Блискиот Исток. Дополнителен притисок врз европскиот пазар создава и приближувањето на зимската сезона, кога побарувачката за природен гас традиционално се зголемува.

Растот на цените повторно ги отвора прашањата за сигурноста на европското снабдување со енергија и за можните последици врз домаќинствата и индустријата доколку трендот продолжи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс