Search

Прифаќањето и љубовта кон себе како форма на бунт

Infomedia balkan

Во немилосрдната борба за профит, најдобар другар на капитализмот е конзумеризмот. Ретко кој може да остане имун на сета пропаганда која се обидува да ни направи да се чувствуваме несигурно за секој атом од нашето постоење. Кога ќе се создаде празнината од страв и несигурност, тогаш сме совршениот плен. Секоја реклама е надеж дека постои нешто што ќе ни направи да се чувствуваме задоволно и исполнето. Затоа, грижата за себе е манифестација на бунт.

Иако со целиот self-care бран само ни се продаде оправдание за нездраво трошење пари и ослободување од грижата на совест за истото, сметам дека идејата е комплетно друга. Токму грижата за себе значи себе-прифаќање и одбивност да се конформираме со трендовите кои упорно не убедуваат дека не сме доволно здрави, убави, фит, богати, итн.

Во конзумеристичко општество кое профитира од нашите несигурности, грижата и љубовта кон себе е средство за враќање на нашата автономија и моќ. Грижата за себе е декларација дека одбиваме да се усогласиме со нереалните идеали. Грижата за себе значи давање приоритет на нашата ментална и физичка благосостојба и негување на чувството на самопочит што не зависи од општествената валидација.

Конзумеризмот, е камен-темелник на капитализмот, а ние сме глувчето кое упорно трча на тркалото во потрага по надворешна валидација. Рекламите ги бомбардираат нашите сетила, точно допирајќи ги нашите најдлабоки желби и несигурности. Тие создаваат лажен наратив дека купувањето на одреден производ ќе ни донесе среќа, доверба и прифаќање. Стануваме заробени во циклус на потрошувачка, бркајќи го следниот тренд во бескрајната потрага по исполнување.

Индустријата за убавина ужива во нашите несигурности продавајќи го ветувањето за беспрекорна кожа, совршени тела и вечна младост. Модната индустрија создава монструозни профити од нашата потреба да да се истакнеме и да припаднеме. Индустријата за здравје и благосостојба, иако промовира грижа за себе, често продава недостижна слика за совршенство, овековечувајќи ја идејата дека мора постојано да се стремиме кон идеализирана верзија од себе. Овој систем е дизајниран да не држи заробени во циклус на ненаситна потрошувачка. Охрабрени сме да ја бараме среќата преку надворешни средства, поврзувајќи ја нашата самодоверба со она што го поседуваме, а не со тоа кои сме ние како поединци. Нашите несигурности се трансформираат во пазари, а капитализмот профитира од нашето постојано незадоволство.

Препознавањето на оваа реалност е првиот чекор кон враќањето на нашата моќ. Со разбирање дека корпорациите создаваат милијарди од нашите несигурности, можеме да ја оспориме нивната контрола над нас. Мораме да ги преиспитуваме пораките што ги добиваме и критички да ги анализираме мотивите зад производите што сме охрабрени да ги купуваме. Ако направиме чекор назад, можеме да почнеме да негуваме чувство на самопочит што е одвоено од материјалните добра.

Затоа, можеби е време да го редефинираме поимот бунт. Градење имунитет кон себеомразата која ни се сервира, и непрепуштање на самодеструктивноста која звучи како примамливо решение е првиот чекор. Кога колективно би почнале вистински да се грижиме и да се сакаме себе и останатите, светот би бил поубаво место за живеење, а ние побогати, и материјално и духовно.

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни