Search
На Први Мај стоиме солидарно со работниците од целиот свет

Аферата Хејмаркет – раѓањето на симболот Први Мај

Репост: Од крвави барикади до скараџиски излети и назад. Какво значење има Први Мај во колективната меморија и како прерасна во ден за борба за работнички права.

Во мај 1886 година, Чикаго станува центар на националното работничко движење за осум часовно работно време. Градот станува сцена на бројни штрајкови и на први мај 35 000 работници ги напуштаат работните места во знак на протест. А, на трети и четврти мај, им се приклучуваат уште неколку десетици илјади работници. Во тој котел од работнички немир, организиран од синдикалисти, социјалисти, анархисти, целиот град Чикаго сведочи на десетина судири на работниците со полицијата, а во три наврати за време на судирите се случуваат и пукотници со жртви. Во фабриката за комбајни МекКормик, доаѓа до судир меѓу работниците и штрајк брејкерите, во судирот се замешува полицијата и стрела кон работниците. Најмалку двајца работници погинуваат и овој случај станува стартната искра за организирање на голем протест на плоштадот Хејмаркет утредента.

Протестот во Хејмаркет започнува како мирен настан со неколку говорници. Но, при крај на говорите, активист чиј идентитет никогаш не е утврден, фрла бомба врз полицијата која веднаш одговара со разбивање на протестот. На Хејмаркет тој ден погинуваат работници чиј број никогаш не е утврден, како и седум полицајци. Во Чикаго следи период на стотици апсења на синдикалци и анархисти, како и затворски и смртни казни за многу од нив. Црвеното знаме на работничкото движење ја добива својата боја на улиците на Чикаго и на плоштадот Хејмаркет.

Меѓународното работничко движење го презема датумот Први Мај, како ден кога се одржуваат штрајкови, протести и маршеви како дел од непрестајната борба за работнички права и зауздување на капиталот, тој суров и страшен господар.

Таксим, Истанбул, на Први Мај 1977 година, убиени биле 34 работнички активисти

Теоријата со која се „пакува“ нерегулирањето на трудот, кажува дека пазарот се регулира себеси. Така, ако една компанија прави профит за капиталистот и условите на работниците ќе се подобрат, тие ќе добијат подобри услови за работа и поглеми плати. Но, исксуството покажува дека колку повеќе капиталистот прави профит ништо друго не се случува за подобрување на статусот на работниците, капиталистот прави профит и инвестира само во можностите за уште поголем профит. Работниците добиваат поголема норма која мораат да ја исполнат – за истата плата. Сето тоа придонело за гласни реакции на работничката класа.

Први Мај во Германија

Земјите од поранешниот социјалистички блок (вклучувајќи ја и Социјалистичка Југославија) наметнуваа наратив дека правата на раобтникот се остварени во нивните политички системи. Дека борбата е завршена и остварена, иако општо беше познато дека имаа очаен квалитет на живот, а и услови за работа. Во тие општества, Први Мај доби фестивалска улога, со културно забавни настани, празнично украсување на улиците и скараџиски пикници во природа, на кои со млако пиво се потопуваше смислата на денот Први Мај.

Во социјалистичките земји работниците дури креваа и оружени востанија во борбата за подобри услови и права. Најпознато е востанието во Источна Германија од 1953 година, кое започнало како штрајк на градежните работници, за да се прошири во масовно движење против наметнувањето на Советското поимање на работнички права. Востанието е задушено со помош на тенковите на Советската Црвена Армија

17 јуни 1953 Источен Берлин. Црвената Армија го загушува работничкото востание

Но, прославите на Први Мај, во сите социјалистички земји секогаш и без исклучок останаа посветени на глорификација на „завршената борба“ и на партијата која ја „завршила“ борбата. На комунистите не им требаше живо и борбено работничко движење и штрајкови на Први Мај.

Првомајски протести во Тунис

За разлика од социјалистичките „прослави“ во останатите делови на светот, Први Мај остана ден за борба, штрајк и протест. Во многу земји наместо традиција на одење на излет, се создаде традиција на судири со полицијата и постојана реафирмација на борбата за работнички права и синдикализмот. Во многу земји од Европа, Азија и Латинска Америка, Први Мај остана ден за борба, а не за прослава.

Првомајски излет, Балкан

Масакрот на Хејмаркет во Чикаго го создаде Први Мај, симболот на вечната работничка борба за поголеми права и подобар живот. Социјализмот на тој симбол, му даде карневалска димензија лишена од бунт и протест (а, со самото тоа и смисла), а сегашните пост социјалистички „прослави“ и „протести“, некако не успеваат да добијат суштинско значење и релевантност за најбитниот актер во сето ова – работникот.

Работникот, ќе се обиде за време на празников да одмори и да се види со пријателите и блиските. Во вторник, повторно е на работа. Некој мора леб да однесе дома…

Најново

Последни колумни