Search

Дали би отишле ако е бесплатно?

Денес, по повод Меѓународниот ден на музеите, влезот во сите  музеи е бесплатен.

На територија на град Скопје постојат 13 музеи со постојани музејски поставки но и со тематски изложби кои навистина предизвикуваат огромен интерес.

Музејот на Современа уметност годинава прославува 60 години постоење. Во таа чест тие имаат програма која ќе го одбележи овој јубилеј преку целата година. Колекцијата на солидарноста е нивната најголема гордост која годинава беше поставена во неколку градови низ Европа.

„Покрај другите актуелни изложби, денес (без официјално отворање) ќе може да се погледне и новоотворената изложба „Аквизиции – Донации 2022-2023“. Влезот ќе биде слободен.

Кураторка на изложбата е Ива Димовски.

Официјално отворање на изложбата нема да има посетителите ќе можат да ја погледнат почнувајќи од 18 мај, па во претстојниот период во работните часови на музејот од вторник до сабота од 10 до 17 часот и во недела од 10 до 13 часот. Во понеделник музејот е затворен за посетители“, стои во најавата на музејот.

Изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ ќе можете да ја погледне уште само уште овој викенд,  до 19 мај (недела)

Куратори на поставката се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

На изложбата покрај преглед на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, претставен е и избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои, оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат.

Оваа изложба проследува една хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година, како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на Музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници. Таа е само еден обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект, да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста.

Изложбата е дел одбележувањето на шесетгодишнината од основањето МСУ – Скопје кое ќе продолжи во текот на целата 2024 година со повеќе значајни настани, изложби и предавања, работилници.

„Духовите на Африка“ е најпосетена изложба во Музејот на Македонија, а е поставена во 2018 година како резултат на соработката со Музејот на африканска уметност во Белград. Во тој период се одржале повеќе предавања, проекции на документарни и играни филмови, работилници со деца и студенти. Изложбата ја посетиле над 5000 посетители.

Во 2020 година исто така е отворена нова изложба „Африка во Македонија“, која Икомос ја награди како една од најуспешните реализирани изложби.

Денс во Музеј на Република Македонија ќе се одбележи Меѓународниот ден на музеите, под мотото ,,Музеи за едукација и истражување”. По тој повод посетителите ќе имаат можност да ги разгледаат постојаната етнолошка поставка, постојаната историска поставка ,,Македонците бегалци од Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција 1940-1949” како и привремените изложби ,,Македонија низ магијата на фотобјективот” и изложбата на фотографии на Ристо Костовски насловена ,,Поинаку”.

Влезот во изложбените објекти ќе биде бесплатен од 9 до15 часот.

Минатата година се одбележаа 70 години од Историски музеј на Македонија со поставување изложба „70 години Историски музеј на Македонија.“

Од Музеј на град Скопје, добивме информација дека постојаната археолошка музејска поставка е најпосетена и покрај тоа што е веќе над 20 години во постојана поставка.

„Скопје 26 јули 1963“ е најпосетена изложба досега, а е поставена во 2013 година по повод 50 години од скопскиот земјотрес. Досега истата е посетена од многу групи на туристи, ученици, студенти“, изјави Маргарита Плевнеш од Музеј на град Скопје.

Од Археолошкиот музеј добивме информација дека  меѓународниот проект ,,100 години Требениште” е најуспешна изложба досега реализирана во музејот.  Изложбата е добитник на наградата Музејски проект за 2019 г. на објавениот конкурс од МНК ИКОМ за Годишната награда 18 мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност за 2019 и 2020 г.

„Ексклузивната изложба ,,100 години Требениште” несомнено ја одбележа 2019 г., со посетеност од над 12.000 посетители. Интересот за оваа изложба и понатаму е голем, а за тоа говори и бројката на виртуелни посетители која секојдневно расте“, изјави Лидија Илковска од Археолошки музеј на Македонија.

Меѓународниот ден на музеите не потсетува на непроценливата улога што ја играат музеите во зачувувањето на нашиот културен идентитет и негувањето чувство на единство.

Историјата на нашата земја е богата да наполни сто музеи и да предизвика интерес во светски рамки за тоа кој сме, од каде сме и каква култура имаме!

Најново

Последни колумни