Претпремиерата на новата сценска адаптација на познатиот драмски класик ќе се одржи вечерва на 24 септември, додека официјалната премиера е закажана за 25 септември. Претставата „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ е работена врз нов драмски текст чии автори се Васил Христов и Нела Витошевиќ, со драматургија на Викторија Рангелова-Петровска. Влезниците за претпремиерната и премиерната изведба, како и за следната изведба на 5 октомври, се веќе достапни во продажба.
Сценската поставка користи мотиви од истоименото дело на А.П. Чехов, но е структурирана во постмодерен формат со динамичен и речиси документарен дијалог, суптилен хумор, разорна карактерна психологизација и поетичен драмски јазик.

Современо читање во претставата „Три сестри“
Дејството е преместено во современи општествени околности на нашите простори. Преку галерија карактери заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот, претставата ја преиспитува денешната стварност. Во оваа концепција, семејството станува мала слика за општество во распаѓање, во кое старите вредности исчезнуваат, а новите сè уште не се родени.
„Три сестри не ја гледам само како приказна за едно семејство кое не успева да се придвижи. Ја гледам како приказна за луѓе и за едно општество заглавени во мртва точка. Сите знаат дека треба да се помрднат, сите зборуваат за промена, сите сонуваат за некаде и некогаш, но никој не успева навистина да тргне“, истакнува режисерката Нела Витошевиќ.

Во актерската екипа настапуваат Дарја Ризова во улогата на Ирина, Наталија Теодосиева како Маша, Верица Недеска како Олга, Дамјан Цветановски како Андреј, Благој Веселинов како Александар, Емил Рубен како Иван, Ивица Димитријевиќ како Игор, Нина Деан како Наташа и Антонио Ташковски како Никола.
Креативниот тим зад сцената го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа и композиторот Огнен Анастасовски. Извршни продуценти на проектот се Симона Угриновска и Виктор Рубен.