Скопската полиција синоќа уапси четири лица при претреси на повеќе локации во општината Карпош, каде што беа пронајдени поголеми количини кокаин и марихуана. Меѓу приведените се наоѓа и 16-годишна малолетничка. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека по целосно документирање на случаите против сите вмешани ќе бидат поднесени соодветни пријави по брза постапка.
Првата полициска акција се случила синоќа околу 1 часот по полноќ на подрачјето на општина Карпош. Припадниците на полицијата го лишиле од слобода 42-годишниот М.Д. од Скопје.
За време на претресот во неговиот дом, полициските службеници пронашле кокаин, марихуана и дигитална вага со остатоци од кокаин. Во објектот биле пронајдени и други предмети за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од извршување кривични дела.
Претходно, околу 20:30 часот, на улицата „Букурешка“ исто така во Карпош, Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје спроведе друга акција. Тогаш беа уапсени 23-годишните Д.М. и М.Ч., како и 16-годишна малолетничка, сите жители на Скопје.
При преземањето на службените дејствија, кај лицето Д.М. полицијата пронашла и одзела поголема количина марихуана и кокаин.