Специјализираните веќа на Косово во Хаг денеска им изрекоа првостепени пресуди на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Хашим Тачи и Јакуп Красниќи се осудени на по 25 години затвор, Кадри Весељи доби 18 години, додека Реџеп Сељими е осуден на 13 години. На сите четворица во казните им се пресметува времето поминато во притвор. Судскиот панел утврди нивна одговорност за прогон, мачење и убиства на цивили за време на војната.
Судечкиот панел пресуди дека четворицата обвинети дејствувале со заедничка казнена цел и свесно придонеле за злосторства извршени во 14 општини на Косово и на локации во северна Албанија. Припадниците на ОВК незаконски уапсиле најмалку 385 лица, подложувајќи ги на тортура и сурово постапување, а 96 лица биле убиени. Судијата при изрекувањето на пресудата потсети на зборовите на Хауард Зин дека ниту едно знаме не е доволно големо за да го скрие срамот од убивање невини луѓе.
Четворицата обвинети се прогласени за виновни за противзаконско апсење на 385 лица, сурово постапување врз 49 лица, мачење на 303 лица и убиство на 96 лица.
Како политички раководител на ОВК, Хашим Тачи лично учествувал во апсењата и сослушувањата на 13 пратеници во Ќирез и Бањица, а панелот го посочи и неговиот удел во случаите на Бехајдин Алачи и Шабан Шаља. Наместо да ги спречи кривичните дела или да ги казни сторителите, Тачи ширел лажни информации и јавно тврдел дека ОВК ги почитува меѓународните хуманитарни правила. Поради таквиот директен удел во системот на неказнивост, судот му одреди казна од 25 години затвор.
Истата казна од 25 години му беше изречена и на поранешниот портпарол Јакуп Красниќи. Судот заклучи дека Красниќи активно поттикнувал злосторства против лица означени како противници и поставувал лојални кадри во воената полиција и разузнавачките единици. Иако имал сознанија за убиства и тортура, Красниќи пред меѓународната заедница негирал дека ОВК врши злосторства.
Кадри Весељи, поранешен шеф на разузнавачката служба на ОВК, е осуден на 18 години затвор. Панелот образложи дека службата на Весељи служела за следење и неутрализирање на наводни соработници на непријателот, што најчесто се темелело на гласини без докази. Весељи лично учествувал во затворањето и убиството на Бехајдин Алачи.
Реџеп Сељими доби најниска казна од четворицата, односно 13 години затвор. Судот процени дека Сељими имал помали овластувања во однос на другите тројца, но неговиот придонес останал значаен преку организирањето на оперативните зони и апсењето на пратениците во Ќирез.
Четворицата обвинети за време на судењето ги отфрлија сите обвиненија и се изјаснија за невини, а на денешните пресуди постои право на жалба пред Апелациониот совет.