Од 1 до 5 септември, Брајчино беше дом на едно поинакво искуство. Во природа, далеку од брзото секојдневие, се одржа „Преспа Ритрит“ – пет дена исполнети со движење, музика, тишина, разговори, нови практики и време за повторно поврзување со себе.
Ритритот беше реализиран во рамки на проектот „Магијата на Преспа“, со идеја Преспа да се доживее не само како туристичка дестинација, туку како простор во кој природата, личната благосостојба и автентичните искуства можат да се спојат во една целина.
Наместо една однапред зададена формула, програмата поврза повеќе различни пристапи, овозможувајќи им на учесниците да откријат што најмногу им одговара и што им е потребно во моментот.
Утрата започнуваа со јога и практики водени од Сандра Беговиќ, која преку движењето, дишењето и елементи од ајурведскиот пристап создаваше простор за свесно започнување на денот и поголема поврзаност со телото.
Со Дуке Бојаџиев, музиката доби сосема поинаква улога. Преку музички сесии и индивидуални искуства, учесниците ја доживуваа како алатка за интроспекција, емоција и лична рефлексија – искуство во кое не се доаѓа само да се слуша, туку и да се почувствува.
Бети Котовчевска ги воведе учесниците во искуството на студена бања, каде во фокусот беа дишењето, менталната присутност, контактот со сопственото тело и истражувањето на личните граници.
Преку медитација, свесно дишење, телесни практики и рефлексологија, Гере Трипков создаваше простор за смирување, освестување на сигналите од телото и индивидуална работа насочена кон релаксација и внатрешен баланс.
Последната вечер, Ива Зафировска го заокружи искуството со звукотерапиј, каде вибрациите создадоа безбеден простор за длабока релаксација.
Но „Преспа Ритрит“ не се случуваше само во рамките на водените сесии. Се случуваше и во заедничките оброци, во прошетките низ Брајчино, во паузите меѓу активностите, во разговорите кои продолжуваа без однапред определено време, во тишината и во едноставното чувство дека не мора постојано да се брза кон нешто следно.
Токму природниот амбиент на Преспа беше еден од најважните делови од целото искуство – не како сценографија, туку како негов составен дел.
„Не сакавме да создадеме ритрит кој ќе им каже на луѓето што треба да почувствуваат или на што треба да се фокусираат. Сакавме да создадеме простор во кој секој ќе може да открие што му е потребно. Некому тоа беше движењето, некому музиката, тишината, разговорот, физичкиот предизвик или едноставно можноста неколку дена да живее во поинаков ритам“, велат од тимот на „Преспа Ритрит“.
Реализацијата на ритритот е дел од пошироката визија на проектот „Магијата на Преспа“ – развивање нови, инклузивни и одржливи искуства кои ја користат автентичноста на регионот и создаваат нови причини Преспа да се посети, доживее и повторно да ѝ се врати.

Претходно, во рамки на проектот беа реализирани и „Преспански аванТУРИ“, инклузивно велосипедско искуство со стандардни и адаптивни велосипеди и беше промовиран и првиот „Рент-адаптив-вело“ модел во Ресен, со што адаптивните велосипеди остануваат достапни за користење.
Проектот „Магијата на Преспа“, е дел од на програмата #ЕУзаПреспа, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Целта на проектот е преку конкретни и одржливи активности да се промовираат инклузивниот и активен туризам, пристапноста, благосостојбата, еднаквото учество и природните потенцијали на Преспанскиот регион.