Search

Преспа е сонце

Преспа е нашето сонце. Отсекогаш била. Само што нашите очи не се навикнати на светлина, па замижуваме. Преспа е нашиот Авалон. Буквално она, времето кога бевме витези. Таму одмора нашиот Артур (Цар Самоил), небаре чекаме да дојдат тешки времиња за Македонија, па конечно, заедно со него да ги отвориме очите. Преспа е нашата мистика која не сме успеале да ја материјализираме во приказна, или уште подобро – порака. Порака која нашата уста едноставно мора да им ја соопшти нашите уши. Место каде што со векови не сме се среќавале со оние кои секојдневно ги гледаме. Заслепувачки одблесок од сончев зрак преку езерото кое се повлекува правопропорционално со нашата глупавост во времето.

Преспа не е случајна. Таа е одговор на Охрид. Без тиркизот, без целата општествено-историска помпа. Кога си езеро, а Охридско е спроти тебе, тука – веднаш преку планината, мора да дадеш сериозен одговор. Преспа е токму тоа. Неистражен, смел, комплексен одговор на релевантноста на другара страна. Трпелива е. Чека да ни текне. Ни дава знаци да види дали ќе успееме да забележиме… можеби дури и да разбереме. Можеби.

Преспа е точка на прекршување на разумот и емоциите. Како севкупна глетка и како политички чин. Секој нејзин момент, секој фрејм е вистинско волшепство. Темпорално парче од мозаикот на нашата колективно несвесна убавина. А цената за зачувување на таквата убавина би била секогаш голема. Токму во Преспа, пред пет години плативме трогателно висока цена, за сепак да го задржиме она што е бесценето. Иако минаа само пет години, придобивките се јасни, а ПРОМЕНИТЕ се бавни, но очигледни: ги отвораме срцата да се видиме меѓу себе; ги бришеме замислените граници нацртани со детски солзи; го прочистуваме грлото, за да се чуеме на сопствениот јазик, да си повториме себе си дека Македонија мора да оди НАПРЕД.

Во наша Македонија, земјата каде речиси сите се комотни во калта на ретроградното статус кво, зборовите како НАПРЕД, или ПРОМЕНА, се синоним за Сатаната лично. Умот во конзерва е опасен, така безглаво подаден на десните центри, кои одамна не уживале ваква моќ и популарност, би рекол уште од „старите добри времиња“, некаде пред втората светска војна. Десната пресметка е јасна: промената е неминовна, но друг да биде виновен, а можеби и линчуван за тоа. Во нашиот контекст, мене повеќе ме загрижуваат оние кои се декларираат како “леви“ и прогресивни, а нивниот катадневен производ е брутално закочена реалност, заглавена во флоскули и во мемлата на минатите декади, кои некако не попуштаат во стисокот околу нашиот гол врат. Овој тенок, нежен, бел македонски врат, издолжен од ѕиркање во подобрата европска иднина.

За мене, Преспа е еден од темелите на современата македонска држава и влог во нејзината иднина и тоа на АСНОМ-ско ниво, ќе си дозволам да речам. Болката што ја погребавме тука, полека но сигурно вирее во вид на стебло од илјада лета, чии гранки допрва ќе ги милуваат нашите идни поколенија, овозможувајќи им сенка во прозрачните преспански денови, со езеро кое се полни како извор на среќа. Велат летово езерото полека но сигирно се враќа.

Ете отидете викендов до Преспа, проверете. Макар случајно. Не бидете мрзливци кои кликаат лајкови ради поза и декларативно се колнат во убавината на нашата татковина. Излезете од вртлогот на површната љубов (Македонија, па Македонија… леле колку е убава, леле колку ја сакам…) и подзастанете за вистински да и обрнете внимание на таа убавина. Одвојте време кое ќе го минете едноставно сакајќи ја. Затоа….

Запознајте ја Преспа! https://www.facebook.com/events/636707978358354

Брајчино, Дупени, Љубојно… Јас ќе бидам таму сосем намерно. Можеби поради фестивалот. Дефинитивно поради нејзината недофатлива убавина, мистика, музика, храна, комуникација, природа, поврзување… Секој човек мора да се обиде да го живее најдобриот можен живот, а Преспа е секогаш добра идеја.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни