Search

Препознај ги знаците на емотивна манипулација

Ако постои една работа која би сакала да можев да ја направам е да се вратам назад во минатото и да се научам себеси како да ги препознаам знаците на емотивна манипулација. Кога сме многу млади и неискусни, може да ни се случи многу луѓе од различни области да го искористат тоа против нас и на сметка на тоа, лесно и едноставно да манипулираат со нас.

Емотивната манипулација е психолошка алатка преку која една личност се обидува да дојде до тоа што го сака, контролирајќи ги нашите емоции и чувства. Постојат многу идикатори кои можат да ви ја откријат вистината и да помогнат да го спречите ова на време. За жал не секогаш сме волни да го признаеме тоа и да и погледнеме на вистината во очи. Причината е што најчесто се чувствуваме виновно да реагираме негативно за луѓето во наша близина за кои веруваме дека навистина „се трудат“ околу нас. И ако добро размислиме, емотивните манипулатори навистина се трудат околу нас, затоа што целата таа игра бара многу труд и внимание.

Кои се симптомите на емотивна манипулација?

Првото нешто што треба да го знаете е дека овие луѓе ве играат со помош на вашите емоции и чувства. Затоа всадување на чувство на вина, правење да се чувствувате лошо и виновно е првото нешто кое треба да го земете како симптом дека некој се обидува да манипулира со вас. Овие луѓе секогаш ќе ја префрлат вината на вас.

Извртување на вистината, одрекување на тоа што го кажале, ултиматиуми и уценување се уште еден дел од симптомите кои ќе ги приметите ако само малку подобро ја анализирате ситуацијата. Овие луѓе се вистински експерти секогаш да се стават себеси во центарот на расправијата, правејќи се да се врти околу нив. Доколку одбивате да играте по нивните правила, тогаш ќе ве игнорираат и ќе молчат (silent treatment) со цел да ве изманипулираат и да го добијат она што го сакаат.

Но нешто што најдобро научив да го заприметувам и да ме прави свесна дека се соочувам со ваков тип на луѓе е нивниот обид да ги потенцираат вашите „маани“ и слабости. Емотивните манипулатори ќе се обидат да ја намалат вашата вредност, самодоверба и сигурност во самите себе. На овој начин тие се обидуваат да се издигнат над вас, правејќи да изгледаат многу подобро и повредно со цел да ги послушате нивните барања и да го добијат тоа што им треба.

Нема полесен плен од човек кој се сомнева во сам себе и својата вредност. Затоа е многу важно да не дозволите да навлезат во вашиот ум и да креираат слика за вас која не е реална.

Затоа следниот пат кога ќе се најдете во друштво на партнер, менаџер, колега, пријател или роднина, кои трошат повеќе енергија и време за да ги потенцираат вашите слаби страни наспроти сите квалитети кои ги имате, завртете го својот грб и дистанцирајте се. Ова се луѓето кои се обидуваат да манипулираат со вас и се токсични за вашето здравје.

Луѓето кои ви мислат добро и се грижат за вас ќе ви помогнат да се изградите наспроти желбата да ве срушат. Партнерот кој навистина ве сака и цени ќе ви помогне да ги надминете своите слабости наместо да ве прави свесни за нив во секој момент. Најважното од се, луѓето кои искрено сакаат да бидат дел од вашиот живот и да го направат подобар нема никогаш да сакаат да направат да се чувстувате виновно и лошо. Тоа се луѓе во чие друштво немате чувство дека светот се врти околу нив и дека се е поврзано со нив, затоа што не е. Само емотивниот манипулатор е личноста која дава таква вибрација.

Посакувам да го знаев ова многу порано затоа што ќе заштедев многу енергија, време и труд обидувајќи се да се подобрам и задоволам  криетериуми на луѓе кои никогаш не беа реални ниту со цел да ми помогнат да се изградам, туку да се срушам. Но сега знам и се надевам дека знаеш и ти. А ако не си сигурен дали некој во твоја близина се обидува емотивно да те манипулира, запрашај се само како се чувствуваш во друштво на таа личност. Ако не се чувстуваш добро, сигурно, среќно и опуштено тогаш нема што да размислуваш и анализираш. Наместо тоа, треба веднаш да се дистанцираш, затоа што луѓето кои не прават да се чувствуваме среќно и убаво кога сме во нивно друштво се оние кои не треба да имаат пристап до нас. Животот е многу краток. Посвети го на оние кои немаат скриени намери и агенда со себе.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни