Уште една премиера на Театар „Златен Елец“ — „Свињи“ во Битола.
Што значи да се биде човек во еден систем што се однесува како фарма?
Во среда, 8.7.2026 година, во Центарот за култура во Битола ќе се одржи премиерата на дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. Претставата е во копродукција со Центарот за култура.
Играат актерките Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска.
Преводот е на Тамара Стојаноска и Никола Стојаноски, дизајнот на звук и изборот на музика се на Лука Тошев, дизајнер на постер и рекламен материјал е Бојана Цилевска, изработката на маски е на Горан Спасевски, фотографиите се на Јордан Звездоски, а продуцент на претставата е Бобан Алексоски.
„Свињи“ од Томислав Зајец за првпат ќе биде поставена пред македонската публика, отворајќи простор за ново читање на едно од најзначајните дела на современата хрватска драматургија.
Преку специфичниот драмски јазик, во кој се преплетуваат апсурдот, црниот хумор и гротеската, Зајец создава свет што истовремено е суров, поетичен и длабоко вознемирувачки.
Нашата постановка го чита овој текст како современа општествена и психолошка алегорија што ги отвора прашањата за моќта, одговорноста, идентитетот, осаменоста, траумата, насилството и човековата потреба за бегство од реалноста.
Во центарот на приказната се две сестри, но нивниот однос е само појдовна точка за истражување на механизмите преку кои луѓето се обликуваат, оттурнуваат и стануваат производ на средината во која живеат.
Ликовите, затворени во сопствените светови, стануваат одраз на нашата потреба да ги контролираме другите, да ги проектираме сопствените неуспеси врз нив и да создаваме реалности во кои насилството станува нормализирано, наместо препознаено како зло.
Претставата не се обидува да осуди, туку да разбере. Таа истражува како осаменоста, траумите од детството, недостатокот на љубов и емпатија, како и наследените модели на однесување, го обликуваат човекот.
Во својата суштина, зборува за тоа како насилството раѓа ново насилство и како општеството честопати прво ги оттурнува, ги напушта и ги заборава најранливите, а дури потоа ги осудува за луѓето во кои се претвориле.
„Што значи да се биде човек во еден систем што се однесува како фарма?
‘Свињи’ е претстава што не бара од публиката да заземе страна, туку да остане со прашањата што ги отвора. Зашто најстрашните облици на насилство не започнуваат со омраза, туку со рамнодушност, молчење и прифаќање на светот таков каков што е.
Во тој простор помеѓу личната, колективната и театарската одговорност се наоѓа суштината на нашата претстава — да не понуди готови одговори, туку да биде огледало на тоа како ги третираме луѓето околу нас и какво општество создаваме“, вели режисерката Тамара Стојаноска.
Претставата репризно ќе биде изведена на 9.7.2026 година, во рамките на манифестацијата „Бит фест“.
„Свињи“ е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.
Ова е втора премиера на Театар „Златен Елец“ оваа година, по претставата „Теорема“ од П. П. Пазолини, во режија на Мирко Радоњиќ, која се одржа минатата недела во МКЦ Скопје.