Дел од жителите на Скопје утре ќе останат без вода поради планирани активности на водоводната мрежа, соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Поради реконструкција на пумпниот дел во Хидрофор Бардовци и поставување нова пумпа, без водоснабдување ќе остане населеното место Бардовци во периодот од 01:00 до 10:00 часот, односно девет часа.
Покрај тоа, поради дефект на затворач со пречник Ф-150 милиметри на улицата „Народен фронт“ бр. 21, прекин на водоснабдувањето ќе има и во дел од населбата Капиштец.
Без вода ќе останат корисниците на дел од улицата „Народен фронт“, на потегот од Домот на печат до улицата „Франклин Рузвелт“, како и дел од улицата „Васил Ѓорѓов“.
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека водоснабдувањето во овој дел од градот ќе биде прекинато од 08:30 часот и ќе трае до целосно завршување на санацијата на дефектот.
Надлежните препорачуваат граѓаните навреме да обезбедат доволни количини вода за основните потреби до нормализирање на водоснабдувањето.