Преговорите со Иран пропаднаа уште пред да почнат, Хормуз останува затворен

Вашингтон предложи прекин на огнот пред да се разговара за нуклеарната програма, Техеран одговори со листа услови која Трамп ја отфрли за неколку часа.

Дипломатскиот обид за мир помеѓу САД и Иран se сруши во недела откако Техеран испрати контрапредлог исполнет со услови. Трамп го отфрли во пост на Truth Social со зборовите „апсолутно неприфатливо”, а цената на нафтата денес порасна за четири долари по барел. Теснецот Хормуз, низ кој поминуваше петтина од светскиот извоз на нафта и течен гас, останува практично затворен.

Техеран постави услови кои Вашингтон не можеше да ги прифати

Американскиот предлог предвидуваше прво прекин на огнот, па дури потоа разговори за поспорните прашања, вклучувајќи ја нуклеарната програма на Иран. Техеран одговори поинаку: побара истовремено решавање на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан каде израелските сили се соочуваат со Хезболах. Покрај тоа, Иран бараше надомест за воена штета, укинување на санкциите, ослободување на замрзнати средства во странски банки и гаранција дека нападите нема да продолжат.

Иранскиот министер за надворешни работи Есмаеил Багаеи го нарече предлогот „великодушна и одговорна понуда” и додаде дека безбедниот премин низ Хормуз е легитимно барање. Трамп не го коментираше детално, туку само напиша: „Не ми се допаѓа.”

Хормуз е речиси целосно блокиран уште десет недели

Конфликтот започна на 28 февруари и од тогаш теснецот Хормуз, преку кој минуваше петтина од светскиот извоз на нафта и течен гас, е практично затворен. Според податоците на Kpler и LSEG, минатата недела само три танкери со суровина го поминале теснецот, при што имале исклучени GPS-уреди за да избегнат ирански напад. Прекинот на огнот од почетокот на април ги намали директните судири, но не ги запре.

Во недела ОАЕ соопшти дека пресретнале два дронови лансирани од Иран, Катар осуди дронски напад врз товарен брод во своите води, а Кувајт пријави дека неговата воздушна одбрана се справила со непријателски дронови.

Трамп патува во Пекинг, Кина е следниот дипломатски чекор

Трамп треба да пристигне во Пекинг во среда, каде иранската криза ќе биде на агендата во разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг. Вашингтон очекува Кина да притисне на Техеран, но иранскиот министер за надворешни работи сугерираше спротивно: „Нашите кинески пријатели добро знаат како да ги искористат овие прилики за да предупредат на последиците од американските незаконски дејствија.”

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во вторник патува во Катар за разговори за конфликтот и за безбедноста на пловидбата низ теснецот. Турција одржува контакт со САД, Иран и со посредникот Пакистан уште од почетокот на конфликтот.

НАТО сојузниците и понатаму одбиваат да испратат бродови за отворање на теснецот без целосен мировен договор и меѓународен мандат, оставајќи го Вашингтон без поддршка во тој фронт.

Израел ги задржува условите за крај на војната

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војната не е завршена и дека останува уште „работа да се сврши”, пред се во однос на збогатениот ураниум, постројките за збогатување и балистичките ракетни капацитети на Иран. Во интервју за „60 минути” на CBS News, Нетанјаху рече дека претпочита дипломатија, но не ја исклучи употребата на сила.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран „никогаш нема да се поклони пред непријателот” и ќе ги брани националните интереси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс