Иранските државни медиуми го претставија американскиот предлог за прекин на конфликтот на Блискиот Исток како повик за капитулација на Техеран. Прифаќањето на предлогот би значело Исламската Република да се покори на „претераните барања“ на американскиот претседател Доналд Трамп, објави иранската телевизија Press TV.
Иран барал отштета и контрола врз Ормускиот Теснец
Според иранските државни медиуми, планот на Техеран предвидува прекин на војната на сите фронтови, но и барање Соединетите Американски Држави да платат воена отштета. Иран, наводно, побарал и целосен суверенитет над Ормускиот Теснец, укинување на санкциите и ослободување на запленетиот ирански имот.
Раководството во Техеран го отфрлило американскиот предлог, пренесуваат медиумите. Трамп претходно остро реагираше на иранскиот одговор и го оцени како „ЦЕЛОСНО НЕПРИФАТЛИВ“. Во изјава за Axios, американскиот претседател рече дека ќе го отфрли „несоодветниот“ ирански одговор.
„Не ми се допаѓа нивниот одговор“, изјави Трамп, без да открие дополнителни детали за содржината на писмото.
Ескалација и привремено примирје
Тензиите во регионот ескалираа откако Соединетите Американски Држави и Израел на 28 февруари започнаа напади врз Иран, по што следуваше ирански одговор против Израел и американските сојузници во Персискиот Залив, како и затворање на Ормускиот Теснец. Примирјето стапи на сила на 8 април со посредство на Пакистан, но разговорите во Исламабад не донесоа траен договор. Подоцна, Трамп го продолжи примирјето без временско ограничување, со цел да се остави простор за дипломатија и можен траен мировен договор.
Американскиот претседател не откри дали Вашингтон ќе продолжи со преговорите. Според извештаите, спорот околу иранската нуклеарна програма воопшто не бил споменат во иранскиот одговор.