Пред 93 години е избрана првата жена во парламент, денес жените сè уште чекаат целосна парламентарна рамноправност

На 13 септември 1933 година, Елизабет МекКомбс стана прва жена избрана во парламент. 93 години подоцна, жените сè уште чекаат рамноправна застапеност.

На 13 септември 1933 година, Елизабет МекКомбс стана првата жена избрана во парламентот на Нов Зеланд, откако победи на дополнителни избори за пратеничкото место во Литлтон, испразнето по смртта на нејзиниот сопруг, Џејмс МекКомбс. Нејзината победа дојде 40 години откако жените во Нов Зеланд го добија правото на глас, во 1893 година, и 14 години откако им беше овозможено да се кандидираат за парламент, во 1919 година.

Патот до првото парламентарно место

МекКомбс претходно двапати неуспешно се кандидирала, во 1928 и 1931 година. Во втората кампања го користела слоганот „Гласајте за првата жена во парламентот на Нов Зеланд“. Победата во 1933 година дојде со силна поддршка од женските организации, откако нејзиниот сопруг починал во август истата година. Во парламентот, МекКомбс се залагала за еднаква плата за жените, промени во политиките за невработените и вработување жени во полицијата.

Нов Зеланд, тогаш британска колонија со самоуправен статус, во 1893 година стана првата земја во светот во која жените добиле право на глас на национално ниво, но не и право да се кандидираат за парламент. Тоа право го добиле дури во 1919 година. Јужна Австралија, во 1895 година, станала првото место каде што жените добиле и право на глас и право да се кандидираат за парламент.

Финска, во 1906 година, станала првата европска земја, а воедно и првата во светот, која им овозможила на жените и да гласаат и да се кандидираат за парламент. Веќе на изборите во 1907 година, во финскиот парламент биле избрани 19 жени, првите жени пратенички во светот. Норвешка следела во 1913 година, Данска и Исланд во 1915 година, а Соединетите Американски Држави во 1920 година. Франција и Италија им го признале правото на глас на жените дури по Втората светска војна, во 1944 и 1946 година.

Светот денес: 27,5 отсто и бавно напредување

Според најновиот извештај на Меѓупарламентарната унија (IPU), на 1 јануари 2026 година жените заземале 27,5 отсто од пратеничките места во светот, наспроти 27,2 отсто една година претходно. Растот од само 0,3 процентен поен е најбавниот од 2017 година и се повторува втора година по ред. Седум земји веќе имаат постигнато родова рамноправност или мнозинство жени во долниот или еднодомниот парламент: Руанда, Куба, Никарагва, Боливија, Мексико, Андора и Обединетите Арапски Емирати.

Америка предничи меѓу регионите, со 35,6 отсто жени во парламентите. Во Европа, меѓу земјите со највисока застапеност се Финска и Шведска, додека разликите меѓу европските парламенти остануваат значителни.

Жените во АСНОМ и во првите децении по војната

Меѓу делегатите на Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година, биле и жени. Вера Ацева се обратила пред собранието во име на Антифашистичкиот фронт на жените, а Лилјана Чаловска во име на младинското движење.

Ацева подоцна станала членка на Президиумот на АСНОМ, а од 1946 до 1948 година била претседателка на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија. Во 1948 година станала првата жена градоначалничка на Скопје.

Подоцна била пратеничка во повеќе свикувања на Собранието на Народна Република Македонија и на Сојузното собрание на Југославија. Во својата политичка кариера била и министерка за земјоделство, а подоцна и министерка за народно здравје и социјална политика.

Пет жени во првиот повеќепартиски парламент

По воведувањето на политичкиот плурализам, првите повеќепартиски избори во Македонија се одржале во 1990 година, за 120 пратенички места. Меѓу избраните пратенички била и Славјанка Стојанова од СКМ-ПДП, една од вкупно петте жени избрани во првиот повеќепартиски состав на Собранието. Подоцна била членка на Уставната комисија при изработката на македонскиот Устав.

Таканаречената „критична маса“ од 30 отсто жени пратенички била надмината дури по изборите во 2006 година.

Од критична маса до пад по последните избори

Составот на Собранието по изборите во 2024 година донесе пад во учеството на жените. Во него има 47 пратенички од вкупно 120 пратеници, односно 39,2 отсто. Тоа се четири пратенички помалку во споредба со претходниот состав, кога жените сочинувале 42,5 отсто од пратениците. Истата година, Македонија ја доби првата жена претседателка на државата. Но, во Владата формирана по изборите, само три од вкупно 18 министерски функции ги извршуваат жени, додека меѓу петте заменици на претседателот на Владата нема жена.

Од првата жена пратеничка во Нов Зеланд во 1933 година до денес, патот кон политичката рамноправност е долг и нерамномерен. Бројките покажуваат дека жените денес се застапени во парламентите многу повеќе отколку пред неколку децении, но и дека напредокот забавува, а во некои земји и назадува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс