Брач во пламен: Над 200 луѓе евакуирани, огнот стигна до куќите во Милна

Големиот пожар на хрватскиот остров Брач сè уште е активен. Над 200 жители и туристи се евакуирани, а во гаснењето се вклучија и четири канадери.

Драматична ноќ помина хрватскиот остров Брач, каде голем пожар се приближи до населени места и принуди повеќе од 200 жители и туристи да ги напуштат своите домови и сместувања. Најкритично било во реонот на Милна, која пожарникарите успеале да ја одбранат од огнената стихија. Сепак, огнот се приближил до објекти, а дел од нив биле оштетени.

Евакуираните лица биле префрлени на безбедни локации. Дел од нив се сместени во спортската сала во Супетар, додека други се згрижени во пасторалниот центар во Постира. Со првите утрински часови, во борбата со пожарот се вклучиле и четири канадери, покрај екипите кои во текот на целата ноќ се обидувале да го стават огнот под контрола.

Според противпожарните служби, засега нема информации за потешко повредени лица. Регистрирани се случаи на вдишување чад, а на едно лице му била укажана медицинска помош. Иако ситуацијата во Милна била особено сериозна, пожарникарите успеале да спречат огнот да предизвика уште поголема опасност за населеното место.

Екипите и натаму се на терен, а според последните информации нема нови отворени огнени жаришта. Пожарот, сепак, сè уште се води како активен, поради што опасноста не е целосно отстранета.

е-Трн да боцка во твојот инбокс