Еуросупер БС-95 од полноќ се продава за 100,50 денари за литар, што е зголемување од 3,50 денари. Еуросупер БС-98 чини 102,50 денари за литар, исто така за 3,50 денари повеќе од досегашната цена. За разлика од бензините, дизелот поевтинува за два денари и од полноќ се продава по 99 денари за литар.
Намалувањето на цената на дизелот доаѓа откако Владата ја намали стапката на ДДВ за дизел-горивото од 18 на 10 проценти. Мерката е предвидено да важи две недели. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека без намалувањето на ДДВ-то и претходното намалување на акцизата, дизелот сега би бил поскап за околу 11 денари за литар.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, призна дека има отстапување кај приходите од акцизи, иако според неа вкупните буџетски приходи засега се движат согласно со планот. Во Министерството за финансии се прават пресметки дали евентуалниот недостиг ќе се покрива со прераспределба на средства или ќе биде потребен нов ребаланс на буџетот.