Search

Празнична (НЕ)еуфорија

Перидов кој ни доаѓа за многумина е идеална можност да излезат од дома и да ги прослават последните денови од годината и празниците кои доаѓаат со пријателите, колегите, семејството или партнерот. Но, од друга страна постојат и оние луѓе кои не ја чувствуваат новогодишната еуфорија и повеќе би преферирале да останат дома со добар филм наспроти „лудо“ предновогодишно журкање. Доколку сте вие еден од тие луѓе, сакам да знаете дека апсолутно е во ред да се чувстувате така.

Празниците и целата еуфорија која се создава во овој период често ја исклучува  можноста дека има луѓе кои и во овој дел од годината се чувствуваат „нормално“ и однесуваат така. Истите овие луѓе не чувствуваат потреба да излезат од дома и да заглавуваат по кафани, барови и дискотеки до рани утрински часови само затоа што се прибилижува нова година и човек треба да се „опушти“. Ако сте чекале цела година дури сега да се опуштите, со сигурност некаде имате погрешено со плановите.

Да бидам искрена ја сум од втората категорија на луѓе. Празниците ми се убав период од годината кога има толку многу работи што треба да се прослават, но сепак би претпочитала да ги избегнам периодите на гужва и целата таа река од луѓе кои излегуваат за да се „опуштат“, а не го правеле тоа балансирано во текот на целата година. Што мислам под балансирано? Балансот е кога кафана и излегување е нешто кое постои во вашиот распоред и кога не се празници. Излегување кое подразбира да се видите со пријателите и да си поминете убаво затоа што сакате, а не затоа што се празници и чувствувате притисок дека морате.

Кога сум веќе кај притисокот за време на овој период од годината, сакам да ве потсетам дека апсолутно нема потреба да си го создавате. Едноставно правете како вам ви одговара. Доколку сакате да одите на прославата од работа, одете. Доколку не чувстувате дека можете да бидете со сите тие луѓе надвор од просториите на канцеларијата, тогаш немојте. Не си создавате непотребно притисок да учествувате во работи и настани кои не прават да се чувстувате пријатно или ве буткаат да сте опкружени со луѓе со кои не делите ништо заедничко освен работните обврски. Не заборавајте, не морате да правите ништо што не сакате. Не можам да избројам колку пати слушнав коменатари од луѓе како „морале“ да се појават на новогодишната прослава од работа, а не сакале. Не бидете лицемерни. Доколку не можете да се дружите со колегите надвор од работното место, подобро да останете дома отколку да се појавите таму и само да превртувате очи. Бирајте искреност наспроти правење лице.

За крај бидете спремни на тоа дека во наредниот период на вашите социјални мрежи ќе се појавуваат видеа, слики и постови каде луѓето ги истакнуваат своите најважни моменти и достигнувања од годината која ја испраќаме. Доколку вашето најголемо достигнување е фактот дека ја преживеавте и издржавте годината и покрај сите удари кои ви ги зададе, честитајте си. Апсолутно е во ред доколку тоа е вашиот најистакнат и најважен момент годинава. Не заборавајте, сите работи за секому се случуваат во различно време. Секогаш можете да започнете одново и да пробате повторно и затоа нема никаква потреба да дозволувате на притисокот кој свесно или несвесно постои околу нас во овие денови, да ве допре и да го уништи вашето расположение. Верувајте во себе и правете ги работите во свој ритам и по свои услови.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни