Правилото од 24 часа може да ви заштеди илјадници денари на Црниот петок

Пред да кликнете на копчето „Купи“, оставете го производот во виртуелната кошничка и почекајте 24 часа. Ова едноставно правило може да ви помогне да избегнете непотребни трошоци, импулсивни купувања и финансиски одлуки за кои подоцна ќе зажалите.

Црниот петок е период кога потрошувачите се изложени на илјадници реклами, атрактивни попусти и понуди со ограничено времетраење. Пораките „Само денес“, „Последни парчиња“ и „Понудата истекува за еден час“ создаваат чувство дека одлуката мора да се донесе веднаш.

Но токму брзината со која купуваме може да биде најголемиот непријател на домашниот буџет.

Правилото е едноставно, секогаш кога сакате да купите нешто што претходно не сте планирале, одложете ја одлуката за најмалку 24 часа.

Во тој период не го купувајте производот, не внесувајте податоци од платежната картичка и не дозволувајте рекламните пораки да ве принудат на избрзана одлука.

Следниот ден повторно разгледајте ја понудата. Доколку сè уште сметате дека производот ви е потребен, можете финансиски да си го дозволите и цената е навистина поволна, тогаш купувањето има поголема економска логика.

Често, по само еден ден, желбата за поседување на производот значително се намалува.

Зошто сакаме нешто повеќе кога е на попуст?

Истражувањата од областа на психологијата на потрошувачите покажуваат дека исчекувањето на наградата може да предизвика силно чувство на задоволство.

Кога гледаме голем попуст, вниманието го насочуваме кон сумата што наводно ја заштедуваме, наместо кон парите што ќе ги потрошиме.

Дополнително, стравот од пропуштање добра можност, познат како ФОМО (Fear of Missing Out), нè поттикнува да донесуваме одлуки побрзо отколку што вообичаено би донеле.

Правилото од 24 часа создава временска дистанца меѓу емоционалната реакција и финансиската одлука.

Колку пари може да ви заштеди еден ден размислување?

Да претпоставиме дека за време на Црниот петок наидете на неколку атрактивни понуди за производи што не сте планирале да ги купите.

ПроизводРедовна ценаНамалена цена
Безжични слушалки6.000 денари3.500 денари
Патики5.500 денари3.000 денари
Кафемат9.000 денари5.500 денари
Зимска јакна8.000 денари4.500 денари
Парфем5.000 денари3.000 денари
Вкупно33.500 денари19.500 денари

На прв поглед, со купувањето на сите производи сте заштедиле 14.000 денари. Но доколку по 24 часа сфатите дека навистина ви се потребни само патиките, ќе потрошите 3.000 денари наместо 19.500.

Вашата реална заштеда во однос на првично планираното импулсивно купување ќе изнесува 16.500 денари.

Пет прашања што треба да си ги поставите пред купување

-Дали би го купиле производот и доколку не беше на попуст?
-Дали веќе имате нешто што ја исполнува истата функција?
-Дали можете да го платите без задолжување?
-Дали ќе го користите и по шест месеци?
-Дали го сакате производот или само чувството дека сте направиле добра зделка?

Доколку не можете да одговорите на овие прашања, можеби е подобро да го одложите купувањето.

За поскапите производи применете го правилото од 72 часа

Кај поголемите финансиски одлуки, како купување мобилен телефон, телевизор, мебел или апарати за домаќинство, можете да го продолжите периодот на размислување на три дена.

Искористете го тоа време за споредување на цените кај различни трговци, проверка на претходните цени, читање рецензии и процена на сопствените финансиски можности.

Можно е во меѓувреме понудата да истече, но тоа не значи дека сте изгубиле пари. Доколку производот не ви бил потребен, сте избегнале непотребен трошок.

Најголемиот попуст е производот што нема да го купите

Црниот петок може да биде одлична можност за купување производи што одамна сте планирале да ги набавите. Проблемот настанува кога попустите создаваат нови потреби наместо да ги задоволуваат постојните.

Правилото од 24 часа не бара да се откажете од купувањето, туку да си дадете доволно време за да донесете разумна одлука.


На крајот, ако купите непотребен производ со попуст од 70 проценти, не сте заштедиле 70 проценти, туку сте потрошиле 30 проценти од неговата првична цена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс