X воведе алатки за родителски надзор за тинејџери: Временски лимити, филтри и зачувана приватност

Родителите можат да постават дневни ограничувања и да ја контролираат содржината за корисниците од 13 до 17 години, но без пристап до пораки и историја на пребарување.

Социјалната мрежа X ги претстави првите алатки за родителски надзор наменети за следење и управување со активностите на корисниците на возраст од 13 до 17 години, при што се воведуваат ограничувања на времето и содржината, но се задржува приватноста на тинејџерите.

Преку новите контроли, родителите и старателите можат да го следат времето што тинејџерите го минале на X во изминатите седум дена, да задаваат дневни временски ограничувања, да одобруваат нови следачи со што профилот автоматски станува приватен и да го ограничат приказот на препорачани објави и видеа во „For You“ само на профилите што корисникот веќе ги следи. Дополнително, овозможено е филтрирање одредени зборови, ограничување на чувствителна содржина и одредување кој може да испраќа директни пораки.

Од компанијата наведуваат дека баланс меѓу надзорот и самостојноста е клучна цел на новиот систем:

„На родителите им се потребни практични алатки, а на тинејџерите простор за растење. Со родителските контроли на X семејствата можат да постават граници што им одговараат. Тинејџерите притоа ја задржуваат сопственоста над своите сметки и ја гледаат секоја промена“, изјави директорот за безбедност во X, Мајкл О’Херлихи.

Иако возрасните можат да видат со кои сметки остварувал комуникација тинејџерот, немаат можност да ја читаат содржината на приватните пораки, ниту пак имаат пристап до историјата на пребарување или прегледаните содржини. Исто така, родителите не можат да објавуваат од сметката на детето ниту да се најавуваат на неа, а секоја изменета поставка е транспарентно видлива за тинејџерот.


Активирањето на родителскиот надзор бара согласност и од родителот и од тинејџерот. Еден родител или старател може да поврзе до пет тинејџерски сметки, додека еден тинејџерски профил може да биде поврзан само со едно возрасно лице, а надзорот престанува автоматски по навршување на 18 години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс