Познатата италијанска платформа за архитектонски конкурси „Terraviva Competitions“ од Милано, вчера го распиша меѓународниот конкурс за ревитализација на историскиот комплекс „Џепане“ во Битола.
Петчленото жири кое ќе одлучува за победничките трудови, се состои од:
Благојче Цветковски од ЈП за урбанизам, проектирање и инженеринг – Битола, Ulvi Erhan Erol од Универзитетот „Сулејман Демирел“, Испарта, Турција, Теа Дамјановска од „Архрид“, Охрид, Basel Almisshal од „Studio Basel“, Тампа, САД и Yurii Cherebedov од „Seven Studio“, Киев, Украина.
Меѓународниот конкурс на платформата Terraviva Competitions од Милано, Италија за архитектонско-урбанистичко осмислување на локалитетот Џепане во Битола е резултат на соработката со младата архитектка Бојана Исијанин. Нејзините истражувања, фотографии и архитектонски цртежи, создадени во рамките на нејзиниот магистерски труд посветен на овој значаен историски локалитет, се искористени како истражувачка и визуелна основа за подготовка на конкурсот.
Оваа соработка претставува значаен придонес во афирмацијата на Џепане и отворање простор за нови архитектонски и креативни визии за неговата иднина, потпирајќи се врз претходно спроведено истражување и документирање на неговото културно и архитектонски наследство.
Линк до конкурсот https://www.terravivacompetitions.com/dzepane-fortress-competition-2026/
