Во почетната фаза е предвидено кравите да бидат примопредадени на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп.

Кравите од Паланка ќе се носат во затворите во Идризово и Прилеп

Започна оперативната реализација на Акцискиот план за организирано заловување, собирање, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на говеда одземени со правосилни решенија на подрачјето на Општина Крива Паланка, усвоен на минатата седница на Владата, а во чии рамки, денеска на состанок на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беа прецизирани конкретните активности и задолженија на вклучените институции.

На состанокот се дефинираа потребните човечки и технички ресурси, организацијата на теренските активности и расположливите логистички капацитети, при што се утврди и план за постапување со конкретни задолженија за секоја од институциите вклучени во процесот.

Како следен чекор во спроведувањето на Акцискиот план, Координативниот штаб го утврди пристапувањето кон мапирање на локациите на кои е концентриран добитокот, при што сознанијата за неговата бројност и распространетост, како и за пристапноста на локациите, ќе бидат основа за спроведување на следните активности. 

Во однос на згрижувањето и понатамошното располагање со одземениот добиток, во почетната фаза е предвидено животните да бидат примопредадени на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп. Разгледана беше и можноста, во текот на процесот и во согласност со законските прописи, дел од добитокот да биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.


Во реализацијата на Акцискиот план се вклучени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена, чија работа ќе се одвива преку воспоставениот механизам на координација и континуирано следење на реализацијата на преземените задолженија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс