Марш за права под притисок: Полицијата спречи инциденти на Прајдот во Белград

Поворката мина покрај црковни ѕвона и провокации, додека полицискиот кордон пред Собранието мораше да реагира на обиди за пробивање.

Со полициска интервенција кај Собранието и вербални судири кај Вознесењската црква, во саботата во Белград се одржа овогодишниот Прајд марш под слоганот „Има место за сите нас“. Илјадници граѓани и активисти тргнаа од паркот Мањеж за да побараат законско признавање на истополовите заедници и заштита на трансродовите лица, во опкружување што повторно покажа колку е длабок јазот меѓу уличните тензии и институционалната тишина.

Шетката низ централните градски улици се соочи со директни тензии кога колоната стигна во близина на Вознесењската црква во улицата „Кнез Милош“. Од црковниот двор се огласија ѕвона, а група противници на маршот довикуваше кон учесниците, што предизвика краток вербален судир преку заштитните огради.

Посериозна ситуација се разви пред зградата на Собранието на Србија. Припадниците на интервентната полиција мораа да оддалечат едно свештено лице кое се обиде да се приближи до поворката, а набрзо потоа полицискиот обрач го пробија уште три лица кои веднаш беа совладани и тргнати од просторот.

Пред почетокот на маршот, претставникот на Белград Прајд, Горан Милетиќ, ги претстави правните барања на заедницата кои со години не добиваат поддршка во парламентот.

„Два правни акта се клучни: Законот за истополови заедници и Законот за родов идентитет и правата на интерсекс лицата. Изборот на институциите да ги игнорираат овие барања директно ги држи илјадници граѓани надвор од правната заштита“, изјави Милетиќ во паркот Мањеж.

Овогодишната кума на Прајдот, новинарката Даница Вучениќ, ја прими лентата од минатогодишната кума Оливера Ковачевиќ и потсети дека основните барања на заедницата остануваат неисполнети веќе четврт век.

„Ова не е само прашање на една заедница. Кога насилството кон малцинствата ќе се нормализира, тоа неизбежно станува практика кон сите граѓани. Барањата за еднаквост не се луксуз, туку прашање на достоинствен живот во сопствената земја“, рече Вучениќ во своето обраќање пред почетокот на маршот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс