Прајд Амстердам номиниран за листата на UNESCO

Номинацијата ја истакнува улогата на Прајд Амстердам како културна и општествена манифестација поврзана со родова еднаквост, квир еманципација и сексуална слобода.

Холандската влада го номинираше Прајд Амстердам за впишување на листата на нематеријално културно наследство на UNESCO, со што една од најпознатите европски ЛГБТИ+ манифестации влегува во процес што може да заврши со меѓународно признание до крајот на 2028 година.

Номинацијата ја објави министерката за образование, култура и наука на Холандија, Ријане Летсхерт, по препорака на Советот за култура. Советот претходно направил потесен избор од пет кандидати, а како финален предлог бил избран токму Прајд Амстердам, со образложение дека Холандија е меѓународно препознатлива по промоцијата на родовата еднаквост, квир еманципацијата и сексуалната слобода.

Од организацијата Прајд Амстердам ја поздравија номинацијата, нагласувајќи дека на процесот се работело со години и дека ваква можност се отвора само еднаш на четири години. Прајд Амстердам уште од 2019 година е регистриран во холандскиот Инвентар на нематеријално културно наследство.

Следниот чекор е подготовка на номинациско досие, кое треба да добие одобрение од Советот на министри пред да биде доставено до UNESCO најдоцна до 31 март 2027 година. Конечната одлука за евентуално впишување на листата се очекува до крајот на 2028 година.

Директорот на Прајд Амстердам, Лусиен Спе, изрази надеж дека UNESCO ќе го препознае Прајд не само како амстердамска манифестација, туку како глобално движење и културен настан што има значење и за земјите каде ЛГБТИ+ луѓето сè уште не можат слободно да се изразуваат.

Листата на нематеријално културно наследство на UNESCO опфаќа живи културни практики, традиции, занаети, фестивали и форми на изразување што за заедниците имаат културно и општествено значење. Холандија веќе има неколку впишани елементи, меѓу кои млинарската вештина, карневалот во Ротердам, цветните паради и традиционалните системи за наводнување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни