Пожари ја пустошат Далмација: Гори на Хвар, кај Шибеник и во близина на границата со Црна Гора

Големи пожари беснеат низ Далмација. На Хвар изгореа десетици хектари шума, активен е пожар кај Шибеник, а огнот се прошири и кон хрватската граница со Црна Гора.

Неколку големи пожари избувнаа во различни делови на Далмација, а пожарникарите цел ден и ноќ се борат со огнената стихија која се шири поради високите температури и ветерот. На островот Хвар, во местото Света Недела, шумски пожар зафатил околу десет хектари борова шума и делови од лозја. Во гаснењето учествувале околу 50 пожарникари со 15 возила, а од воздух помагале и пет канадери. Огнот во еден момент се приближил до куќите, но пожарникарите успеале да ги заштитат.

Сериозна е состојбата и кај Шибеник, каде пожарот во Дубрава и индустриската зона Поди зафатил околу 100 хектари трева, ниска вегетација и борова шума. На терен се ангажирани повеќе од 70 пожарникари со 24 возила и четири канадери. Властите соопштија дека е спасена најмалку една куќа која била директно загрозена од пламените јазици.

Дополнителни пожари се активни и во Паркот на природата Телашчица, каде гори во увалата Јаз и во Мала Проверса. Во интервенциите се вклучени и воздушни сили со противпожарни авиони. Пожари во текот на денот биле регистрирани и на подрачјата Билице и Чиово.

Особено внимание привлекува пожарот кај Плат, како и пожарот во близина на границата со Црна Гора. Според хрватските власти, огнот што избувнал на територијата на Црна Гора по удар од гром делумно се проширил и на хрватска територија. Поради непристапниот терен, пожарникарите внимателно ја следат ситуацијата и се обидуваат да спречат понатамошно ширење на огнот.

Далмација веќе неколку дена се соочува со високи температури и суво време, што значително го зголемува ризикот од шумски пожари и го отежнува нивното гаснење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс