Пожари беснеат низ Албанија: Евакуирани жители од повеќе села

Албанија се соочува со сериозна состојба поради повеќе шумски пожари, а поради приближувањето на огнот до населени места во делови од земјата е наредена евакуација на населението.

Во текот на едно деноноќие во Албанија биле регистрирани 17 пожари, од кои осум и натаму биле активни, соопштиле албанските власти. Најкритична била состојбата во јужните и централните делови на земјата, каде што огнот се приближил до населени места и земјоделски површини.

Поради опасноста за жителите, надлежните наредиле евакуација во неколку села. Во гаснењето биле ангажирани пожарникари, припадници на армијата и локални екипи.

Во интервенциите биле вклучени и воздушни средства, особено во тешко пристапните подрачја каде што пожарите брзо се ширеле поради високите температури, сувата вегетација и силниот ветер.

Властите предупредуваат дека опасноста од нови пожари останува висока и апелираат до граѓаните да избегнуваат активности на отворено што можат да предизвикаат пожар. Надлежните служби продолжуваат со гаснењето и следењето на состојбата. Засега нема информации за поголем број повредени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс