Вештачката интелигенција влегува во македонското земјоделство: Претставени 21 европски проект

Од дигитализација на земјоделските стопанства до современо пчеларство и поефикасно користење на водата, на „АГРО ЕКСПО 2026“ во Скопје беа претставени европски проекти и технологии што треба да придонесат за модернизација на домашното земјоделство.

Може ли вештачката интелигенција да им помогне на македонските земјоделци да произведуваат повеќе, да трошат помалку ресурси и полесно да се приспособуваат на климатските промени? Ова беше едно од прашањата што ги отвори „АГРО ЕКСПО за ЕУ Проекти 2026“, одржан на 30 и 31 октомври во SPACE Park во Скопје, каде што беа претставени 21 европски проект.

Настанот ги поврза земјоделците, научниците, универзитетите и претставниците на бизнис-секторот, со фокус на практичната примена на современите технологии, дигиталните алатки и новите знаења во земјоделското производство.

Од традиционално производство до дигитално земјоделство

Еден од централните проекти беше CAAIVE, кој има цел да ги развива стручните и дигиталните вештини и да ја поттикне примената на вештачката интелигенција во земјоделството.

Во рамките на конференциската програма беа претставени можности за поврзување на научните истражувања со секојдневните потреби на земјоделските стопанства.

На вториот ден, деканот на ФИНКИ, проф. д-р Петре Ламески, ги презентираше можностите за дигитализација преку проектите ДигитМак, Везилка и ЕуроЦЦ3.

Посебно внимание беше посветено и на современото и одржливо пчеларство, со претставување научни сознанија и практични решенија од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ.

Над два милиони евра за дигитализација на земјоделските податоци

На отворањето, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски ја нагласи потребата научните сознанија да станат дел од креирањето на земјоделските политики.

„Фокусот го насочуваме на приспособувањето кон климатските промени, поефикасното користење на водните ресурси и зачувувањето на квалитетот на производството“, истакна Серафимовски.

Министерот информираше и за постапката за избор на изведувач за интегрираната земјоделска информациска платформа IAIP и системот за управување со земјиштето во државна сопственост SALMIS.

Проектот, вреден над два милиони евра, се реализира во рамките на Проектот за модернизација на земјоделството, финансиран од Светската банка.

Овие системи треба да придонесат за подобро управување со земјоделските информации и државното земјиште, но нивната практична примена ќе зависи од завршувањето на постапките и воведувањето на платформите во употреба.

Европските проекти треба да стигнат и до земјоделците

На дводневниот настан учествуваа претставници на универзитетската и научната заедница, меѓу кои проф. д-р Иван Чорбев, проректор на УКИМ, проф. д-р Миле Маркоски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна, и проф. д-р Димитар Трајанов од ФИНКИ, проектен лидер на „Везилка“.

Преку конференции, изложбени презентации, практични демонстрации и директни средби, учесниците разговараа за можностите за европско финансирање, модернизација на земјоделските стопанства и примена на технологијата.

„АГРО ЕКСПО за ЕУ Проекти 2026“ беше организиран во рамките на проектот CAAIVE, кофинансиран од Европската Унија преку програмата „Еразмус+“.

Организатори беа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, преку Факултетот за земјоделски науки и храна, EMKICE KIC, Нова Креатива и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Повеќе информации на:


SPACE Park Скопје: www.space.mk
Проект CAAIVE: www.caaive.eu
EMKICE KIC: www.emkice.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс