Двајца грчки пожарникари загинаа попладнево за време на интервенција на голем пожар што избувна на островот Крит, во близина на градот Ретимнос. Според првичните информации од терен, нивното противпожарно возило останало заглавено меѓу огнените јазици. Огнот избувна околу 14:30 часот во подрачје со ниска вегетација, а силниот ветер го отежнува гаснењето и овозможува брзо ширење на пожарот.
Во акцијата за справување со огнот кај Ретимнос се вклучени 110 пожарникари, шест пешадиски тимови, 27 противпожарни возила и четири хеликоптери. Дополнителна поддршка на терен даваат и цистерни за вода од локалната самоуправа. Ситуацијата е критична бидејќи ветрот постојано го менува правецот и ја отежнува работата на воздушните и копнените екипи.
Поради непосредната опасност од неконтролирано ширење на огнот, грчките власти активираа предупредување преку европскиот систем за итни случаи 112. Жителите на селото што се наоѓа во непосредна близина на пожарот добија порака веднаш да ги напуштат своите домови и да се евакуираат на безбедно место.