Центарот за управување со кризи соопшти дека до 07:30 часот нема активни пожари на територијата на целата држава. Од регистрираните 26 пожари на отворен простор во изминатото деноноќие, противпожарните екипи успеале целосно да изгаснат 25, додека огнот што изби кај депонијата на излезот од Крива Паланка е локализиран и под контрола.
По интензивната интервенција на терен, пожарот на излезот од Крива Паланка, во непосредна близина на градската депонија, повеќе не претставува опасност од неконтролирано ширење. Ова е единствениот пожар кој сè уште се води како „под контрола“, додека сите останати жаришта од изминатото деноноќие се целосно изгаснати.
Според извештајот на ЦУК, пожарникарите имаа најмногу работа во скопско, каде што беа изгаснати неколку пожари. Интервенции имаше во Горно Лисиче, каде гореа дрва, како и во општините Сарај, Петровец, Карпош и Кисела Вода, каде што горивените материјали главно беа ниска вегетација, сува трева и отпад.
Тетовско-гостиварскиот регион исто така беше под притисок, со изгаснати пожари во с. Симница и Горна Бањица кај Гостивар, како и кај Пршовце, Фалише и тетовската населба Деребој, каде гореше дива депонија.
Покрај сувата трева и депониите, зачестена причина за пожарите во овој период останува палењето стрништа и отпад. Такви случаи беа забележани и брзо санирани во општините Босилово, Кичево и Кочани. Регистрирани се и штети на приватна сопственост, при што во Прилеп и во Старо Нагоричане огнот зафати и патнички возила.