Во текот на вчерашниот ден избувнале 29 пожари на отворен простор, од кои 23 се изгаснати, а шест се активни претпладнево, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Најсериозна била состојбата во селото Чаниште, во близина на Прилеп, каде огнот навлегол меѓу селските куќи. Според Ангелов, не е изгорена ниту една куќа во која живеат преостанатите жители, но изгореле неколку стари и напуштени куќи.
„Во Чаниште синоќа имаше вистинска драма“
Ангелов изјави дека пожарникарите и доброволните тимови цела ноќ се бореле со огнот во Чаниште.
„Многу голема благодарност до прилепските пожарникари кои пожртвувано се бореа со огнот и успеаја да спасат поголем дел од селото, благодарност и до доброволните пожарникари од Битола кои беа ангажирани преку тимот за брз одговор на Дирекцијата и работеа цела ноќ, работат дури и сега“, рече Ангелов.
Тој додаде дека е изгасната голема површина од пожарот и очекува денеска огнот да биде ставен под целосна контрола.
„Мислам дека денеска овој пожар ќе го ставиме под целосна контрола, иако дури и самиот се сомневав дека ќе успееме во оваа намера“, изјави Ангелов.
Во Туденце бил загрозен манастир
Втората сериозна ситуација, според Ангелов, била на територијата на Општина Јегуновце, каде пожарот навлегол во атарот на селото Туденце и го загрозил блискиот манастир.
Поради опасноста, на терен биле испратени тимови на Дирекцијата составени од доброволци од Гостивар, доброволното друштво од Чаир, како и доброволно друштво од Тетово.
„Поради голема опасност по манастирот, а недостиг на локални пожарникари од Тетово, упатив неколку тимови на Дирекцијата“, рече Ангелов.
Пожар од Велес преминува кон Зелениково
Во моментов активен е и пожарот кој од Велес преминува во Зелениково.
Ангелов информира дека пожарникарите се движеле низ густа вегетација со трња и оделе по самата огнена линија за да заштитат две загрозени села.
Во Македонски Брод пожарот е значително намален, а интервенирале три „ертрактори“ и полициски хеликоптер.
Активен пожар има и во Студеничани, кај селото Рамни Габер, но според Ангелов, огнот е оддалечен од селото.
„Доволна е само искра за катастрофа“
Ангелов вели дека во моментов нема загрозени села и дека кај активните пожари не гори квалитетна шума.
„Карактеристично за сите овие пожари е што никаде не гори квалитетна шума, во овој момент немаме загрозени села“, рече тој.
Тој додаде дека депонијата во Кратово е целосно затрупана и не го загадува воздухот во градот.
Директорот на ДЗС повторно апелираше граѓаните да бидат внимателни.
„Апелирам повторно до граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи е доволна само искра за вистинска катастрофа“, рече Ангелов.