Огнот се шири кон Тиквешко Езеро, Кавадарци се бори со повеќе пожари

Покрај големиот пожар кај селото Раовец, синоќа беа регистрирани уште две нови жаришта, а сувата вегетација и ветерот додатно ја отежнуваат борбата на терен.

Огнената стихија во кавадаречко не стивнува. Пожарникарите, армиските и полициските екипи поминаа тешка ноќ справувајќи со повеќе активни пожари на тешко пристапен терен. Покрај големиот пожар кај селото Раовец, кој се прошири кон Тиквешкото Езеро, синоќа беа пријавени две нови жаришта кај Камен Дол и меѓу селата Цирково и Манастирец, каде што постои опасност огнот да прерасне во пожар од големи размери.

Според информациите од Центарот за управување со кризи, едниот од новите пожари избувна кај Камен Дол, во непосредна близина на каменоломот „Градба промет“. Второто жариште е регистрирано на потегот меѓу Цирково и Манастирец, на оддалеченост од пет до осум километри од првичниот голем пожар.

Екипите на терен се распоредуваат за да го спречат понатамошното ширење на пламенот, но локацијата меѓу Цирково и Манастирец бара посебно внимание поради ризикот од дополнително разгорување.

Истовремено продолжуваат напорите за ставање под контрола на пожарот кај селото Раовец. Огнот во текот на вчерашниот ден се прошири кон стрмен и непристапен терен во близина на Тиквешкото Езеро.

Во гаснењето беа ангажирани два авиона „ер трактор“, хеликоптери на полицијата и армијата, четири специјализирани возила „пинцгауер“, две возила „унимог“ и дополнителна опрема од Шумското стопанство. Во интервенцијата учествуваат екипи од Дирекцијата за заштита и спасување, МВР, Граничната полиција и локалните пожарникари.

Високите температури, сувата вегетација и силниот ветер го отежнуваат гаснењето и создаваат услови за брзо префрлање на искрите. Во текот на изминатото деноноќие на ова подрачје беа регистрирани повеќе од десет пожари. Иако дел од нив се ставени под контрола, постои опасност од нивно повторно активирање.

Надлежните апелираат до сите граѓани да не се движат во загрозените подрачја и да ги почитуваат насоките на надлежните служби. Секоја појава на чад или нов пожар треба веднаш да се пријави на бесплатниот број 112.

е-Трн да боцка во твојот инбокс