Небото над Торонто потемне, а жителите добија предупредување да го ограничат престојот на отворено, откако чадот од големите шумски пожари во северозападен Онтарио го прекри градот.
Канадската служба за животна средина објави индекс на здравствен ризик за квалитетот на воздухот од 10+, што претставува највисоко ниво и многу голем ризик за здравјето. Опасните услови се очекува да продолжат и во текот на денот, пренесува „Мета“.
Торонто меѓу градовите со најлош воздух во светот
Според компанијата за следење на квалитетот на воздухот „IQAir“, Торонто во еден момент имал најзагаден воздух меѓу големите светски градови, пред Киншаса и Делхи. Њујорк бил рангиран на петтото место.
Иако пожарите беснеат стотици километри северно од Торонто и директно не му се закануваат на градот, ветровите носат огромни количества чад кон густо населените подрачја.
Жителите се повикани да ги избегнуваат напорните активности на отворено, а особено внимателни треба да бидат децата, повозрасните, бремените жени и лицата со срцеви и респираторни заболувања.
Чадот стигна до Њујорк
Загадениот воздух веќе се прошири кон североисточниот дел на Соединетите Американски Држави. Властите во Њујорк издадоа здравствено предупредување и побараа од жителите да ги намалат физичките активности на отворено.
Експертите предупредуваат дека најлошиот бран чад можеби сè уште не пристигнал во Њујорк, областа на Големите Езера и Нова Англија. Националната метеоролошка служба проценува дека чадот може да се задржи до крајот на неделата.
Ситуацијата предизвикува загриженост и поради финалето на Светското првенство, кое в недела ќе се одржи на отворениот стадион во Њу Џерси, пред повеќе од 80.000 гледачи.
Дополнителни 50.000 луѓе се очекува да го следат натпреварот во Централ парк, каде што небото веќе е покриено со чад и магла.
Торонто откажа навивачки настан
Поради опасното загадување, градот Торонто го откажа ФИФА-фестивалот за навивачи и јавното следење на полуфиналниот натпревар меѓу Англија и Аргентина на плоштадот „Натан Филипс“.
Во северниот дел на Онтарио бил прекинат и железничкиот сообраќај во близина на Армстронг, откако пожарот се приближил до пругата. Жителите и вработените во железницата биле евакуирани.
Две групи деца од Минесота, кои биле на кампување во канадската дивина, исто така биле заробени од пожарите. Една од групите била евакуирана со хеликоптер, а властите подоцна соопштиле дека сите деца се на безбедно.
Над 800 активни пожари
Според податоците на канадската влада, во земјата горат околу 835 активни шумски пожари, од кои 112 сè уште не се ставени под контрола.
Од почетокот на сезоната изгореле околу 1,9 милиони хектари, а најтешко се погодени провинциите Манитоба, Саскачеван и Онтарио.
Канадските власти велат дека сезоната на пожари започнала побавно во споредба со катастрофалните 2023 и 2025 година, но предупредуваат дека натпросечно високите температури создаваат услови за нови и уште поинтензивни пожари.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од силна топлина и чад ќе станува сè почеста во наредните децении, поради што големите градови ќе мора подобро да се подготват за вакви кризи.