Пожари во Хрватска: една жена загина, десетици повредени, огнот на Дуги Оток локализиран

Пожарот над Брбиње на Дуги Оток е локализиран, а во областа Станиќи е пронајдено тело за кое се претпоставува дека е на исчезната жена од БиХ.

Нови пожари избувнаа во Хрватска, а огнената стихија ја зеде и првата жртва. Во областа Станиќи било пронајдено тело, за кое хрватските медиуми пишуваат дека најверојатно е на 34-годишната државјанка на Босна и Херцеговина, Драгана Антешевиќ, која исчезнала додека бегала од пожар.

Официјална потврда од полицијата сè уште нема, бидејќи се чекаат резултатите од обдукцијата и ДНК-анализата.

Локализиран пожарот над Брбиње

Пожарот што синоќа избувна над Брбиње на Дуги Оток утрово е локализиран, потврди за Хина началникот на противпожарната служба на Задарската жупанија, Матеј Рудиќ.

Според него, сите куќи во заливите се спасени.

„Фронтот на пожарот беше исклучително тежок, долг три километри и широк еден километар, а теренот беше непрооден во многу делови“, изјави Рудиќ.

Во гаснењето учествувале околу 100 пожарникари со 17 возила, а во раните утрински часови биле вклучени и два канадери.

Пожари и во Галовац, Пркос и Земуник

Во текот на ноќта, пожари избувнале и во областа Галовац, Пркос и Земуник во Задарската жупанија.

Сите биле локализирани рано утрово.

Станува збор за пожари на отворен простор, при што огнот главно зафатил грмушки, вегетација и шума.

Телото најверојатно е на исчезнатата жена од БиХ

Пожарите во Хрватска ја земаа и првата жртва.

Иако полицијата сè уште нема официјално потврдено, бидејќи се чекаат обдукција и ДНК-анализа, телото пронајдено во петокот во областа Станиќи најверојатно е на 34-годишната државјанка на БиХ, Драгана Антешевиќ, пишува „Слободна Далмација“.

Таа, според официјално објавените информации од хрватското Министерство за внатрешни работи, исчезнала на 13 август додека бегала од пожарот во Станиќи.

Неофицијално, освен неа, ниту едно друго лице од тоа подрачје не било пријавено како исчезнато во полицијата.

Во болниците пристигнуваат нови пациенти

Во болниците во Хрватска продолжуваат да се примаат нови пациенти повредени во пожарите.

Според информациите, тројца од нив се во критична состојба.

Пожарникарите остануваат на терен, а ситуацијата и понатаму се следи поради опасност од нови разгорувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс