Пожарите во Амазонија паднаа на најниско ниво во последните 40 години

Пожарите во Амазонија во 2025 година зафатиле околу 3,1 милиони хектари шума, што е 80 проценти помалку од 2024 година, покажува извештајот на MapBiomas.

Површината на шумите зафатени од пожари во Амазонија минатата година се намалила на најниско ниво во последните 40 години, покажува годишниот извештај на бразилската иницијатива за следење на животната средина MapBiomas.

Во текот на 2025 година, пожарите зафатиле околу 3,1 милиони хектари шума, што е приближно 80 проценти помалку во споредба со 2024 година.

Намалување е забележано и на ниво на цел Бразил. Во 2025 година изгореле вкупно 12,7 милиони хектари, наспроти повеќе од 30 милиони хектари една година претходно, кога земјата беше погодена од силна суша.

Водените површини повторно се зголемиле

Во посебен извештај, MapBiomas наведува дека површината под вода во Амазонија во 2025 година се зголемила по две години суша, благодарение на пообилните врнежи.

Водените површини биле околу 2,6 проценти поголеми од историскиот просек.

Научникот Бруно Фереира оцени дека опоравувањето е охрабрувачко, но предупреди дека долгорочната состојба и понатаму предизвикува загриженост, бидејќи екстремните временски појави во регионот стануваат сè почести.

Тој додаде дека климатските промени и промените во користењето на земјиштето влијаат врз нивото на водата.

Пожарите често се поврзани со расчистување земјиште

Анализата на последните четири децении покажала дека повеќе од 49 проценти од сите опожарени површини во Амазонија се на приватно земјоделско земјиште, додека околу осум проценти се однесуваат на области со населби.

Шумите често се сечат, а расчистеното земјиште потоа се пали за да се претвори во пасишта или земјоделски површини, вклучително и за одгледување соја.

Во периоди на изразена суша, ваквите пожари можат неконтролирано да се прошират.

Од MapBiomas истакнуваат дека пожарите во Бразил можат да бидат предизвикани од природни причини или од човечка активност. Сепак, природните пожари се значително поретки во тропските дождовни шуми како Амазонија отколку во други екосистеми.

MapBiomas е мрежа составена од универзитети, невладини организации и технолошки компании, која анализира сателитски снимки и други податоци за следење на состојбата со животната средина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс