Пожарот што изминатите денови гореше на потегот Раец – Дреново – Ќесендре во Општина Кавадарци е ставен под контрола, а надлежните очекуваат до крајот на денот целосно да биде изгаснат.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека станува збор за еден од најтешките пожари што ја зафатиле државата во последните денови.
Ангелов: Три ер-трактори помогнаа пожарот да се стави под контрола
„Во текот на вчерашниот ден имавме околу 30 пожари на отворен простор. Неколку од нив прераснаа во сериозни пожари, а најтежок беше токму овој во Кавадарци. Денеска од раните утрински часови дејствуваат три ер-трактори, кои заедно со локалните пожарникари помогнаа пожарот речиси целосно да биде ставен под контрола“, рече Ангелов.
Тој нагласи дека, иако огнот е под контрола, најризичниот период останува попладнето, кога високите температури може повторно да активираат поединечни жаришта.
Јанчев: Огнот избувнал на пет различни локации
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, информираше дека пожарот бил пријавен на 2 август околу 21 часот.
Според него, огнот избувнал истовремено на пет различни локации, оддалечени меѓу себе од 500 до 700 метри.
„Станува збор за пожар кој, според нашите проценки, со 90 проценти веројатност е подметнат. Поради исклучително непристапниот терен и силниот ветер, не беше можно да се локализира уште првата вечер“, изјави Јанчев.
Тој посочи дека пожарот зафатил површина со радиус од околу седум километри, но благодарение на координираната акција огнот не се проширил кон високостеблестата шума и не предизвикал штета на куќи, викендички или земјоделски имот.
На терен пожарникари, полиција, доброволци и механизација
Во гаснењето биле вклучени пожарникари од Кавадарци и Неготино, припадници на полицијата, доброволни противпожарни друштва од Штип и Неготино, ЈП „Комуналец“, како и тешка механизација.
Булдожери и ровокопачи биле користени за пробивање противпожарни пресеци, а од воздух интервенирале три ер-трактори, армиски и полициски хеликоптер.
Патроли до целосно елиминирање на жариштата
Ангелов најави дека пожарникарите, кои веќе трет ден непрекинато работат на терен, ќе останат во регионот и по ставањето на пожарот под контрола.
„На терен ќе останат пожарникарите кои веќе трет ден непрекинато работат, а ќе се вршат и постојани патроли сè додека не се елиминира и последното жариште“, рече Ангелов.
Тој упати благодарност до сите служби и до градоначалникот Јанчев за, како што оцени, добрата организација и координација во справувањето со пожарот.