Пожарот во шумскиот предел над селото Габер е проширен, поради што во гаснењето се вклучени четири авиони. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), состојбата во близина на населените места во Габер засега е под контрола и нема непосредна опасност за жителите.
Теренот на кој се шири пожарот е планински и тешко пристапен, што значително ја отежнува интервенцијата на екипите од земја. Поради тоа, во гаснењето се вклучуваат три авиони „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и еден авион на Министерството за внатрешни работи.
Според ЦУК, пожарот се движи во правец на селото Вржале, поради што неговото ширење внимателно се следи, а екипите остануваат на терен.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, е на местото на пожарот и заедно со екипите ја следи состојбата.
Од Центарот информираат дека се во постојана координација со надлежните институции и служби со цел пожарот да биде ставен под контрола и да се обезбеди заштита на населението.