Депонијата за комунален отпад во непосредна близина на Крива Паланка од вчера попладне е зафатена од голем пожар кој гори повеќе од 15 часа. Општинските служби и сите расположливи екипи се на терен и преземаат континуирани мерки за спречување на ширењето на огнот.
Од Општина Крива Паланка соопштија дека на теренот се ангажирани екипите и механизацијата на ЈП „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Крива Паланка. Огнот поради својот обем бара долготрајна интервенција, па активностите се одвиваат без прекин од вчерашните попладневни часови.
Во справувањето со пожарот се вклучија и екипи од соседната Општина Ранковце, како и локални компании и граѓани кои помагаат со сопствена механизација. Од локалната самоуправа упатија благодарност до сите кои помагаат на теренот, истакнувајќи дека активностите продолжуваат сè додека стихијата не биде целосно ставена под контрола.