Повеќе од 50.000 луѓе се под наредби за евакуација, откако пожарот ја зафатил планинската област северно од Лос Анџелес.
Пожарот во областта Хјуиз избувнал вчера и за само шест часа изгорел околу 39 квадратни километри шуми и растенија во близина на езерото Кастаик, популарна туристичка дестинација која се наоѓа околу 64 километри од населбите Итон и и Палисејд, кои гореат веќе трета недела, пренесе АП.
Иако областта била под црвено предупредување поради опасност од пожар, ветровите не биле толку силни како претходно, што дозволило на авионите за гасење на пожарот да испуштаат десетици илјади галони вода.
,,Ситуацијата во која се наоѓаме денес е многу различна од онаа пред 16 дена” – изјави началникот на пожарникарските служби на округот Лос Анџелес, Ентони Марон.
Повеќе од 31.000 луѓе се под обврска за евакуација, додека уште 23.000 луѓе се под предупредување за евакуација,изјави шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, пренесе CBS News.
Затворени делови од автопатот I-5 вчера повторно беа отворени, а пожарот го гаселе околу 4.000 пожарникари. Исто така, властите во Лос Анџелес се подготвуваа за можен дожд кој може да предизвика клизавици и поплави во подрачјата погодени од пожарите.
Според Националната метеоролошка служба, се очекува ветерот да достигне брзина од 96 километри на час, а дождот може да започне во сабота.
Покрај новиот пожар во Кастаик, пожарникарите се уште се борат со пожарите во населбите Палисејд и Итон во кои од почетокот на пожарите на 7 јануари загинале најмалку 28 лица и уништени се повеќе од 14.000 објекти.
Во моментов 68% од пожарот во Палисејд е под контрола, додека во населбата Итон пожарот е под контрола 91%.
Наредбите за евакуација се однесуваат и на затворот Пичез, кој се наоѓа неколку километри од пожарот, а евакуирани се 476 затвореници.