Само еден ден по бројните реакции и потсмев на социјалните мрежи, на влезот во Скопје е поставен нов билборд на местото на спорниот знак „Добредојде во Скопје“, кој стана вирален поради низа визуелни грешки, меѓу кои и коњот Букефал прикажан со пет нозе.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека печатената грешка веќе е исправена и дека Скопје добило нов знак „како што доликува“, нагласувајќи дека замената нема финансиски да ги чини граѓаните.
„Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува. И за да нема дилеми, корекцијата градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП „Улици и патишта““, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Тој додаде дека „кој работи и греши“ и оцени дека фактот што најголема тема во јавноста е печатена грешка покажува дека градот се движи во добра насока. Според него, неговиот тим ги слуша реакциите на граѓаните и брзо реагира кога ќе се појави проблем.
Спорниот билборд беше поставен во петокот вечерта како нов знак за добредојде на влезот во главниот град, но предизвика лавина критики поради очигледни пропусти во визуелното решение. Најмногу внимание привлече ликот на Букефал со една вишок нога, додека дел од јавноста забележа и необичен изглед на шлемот на воинот и неприродно издолжен Камен мост.
По реакциите на јавноста и политичките партии, билбордот беше отстранет, а денес на негово место е поставена коригираната верзија.