Последната цевка отстранета од Лешничката Долина на Шар Планина

„Чекор по чекор, Лешница ѝ ја враќаме на природата“, порачаа од Националниот парк „Шар Планина“.

Лешничката Долина е целосно ослободена од цевководната инфраструктура поставена за планираните мали хидроелектрани „Пена 84“ и „Пена 85“, информираа од Националниот парк „Шар Планина“.

Демонтажата и изнесувањето на цевките започнаа пред неколку недели, а сега од долината е отстранета и последната цевка.

Акцијата не ги опфатила само цевките што со години биле оставени на површината. Надлежните ги откопале и деловите од цевководот поставени под земја, по што целата инфраструктура била изнесена од заштитеното подрачје.

Од Националниот парк велат дека на трасата повеќе нема цевки ниту над ниту под земјата. Отстранувањето на инфраструктурата е резултат на подолг институционален процес и соработка со надлежните државни институции.

Станува збор за важен чекор кон враќање на Лешничката Долина во состојба што е можно поблиска до природната.

Лешница се смета за едно од највредните и најпрепознатливи природни подрачја во Националниот парк „Шар Планина“. Таа е дел од Емералд-мрежата и од подрачјата планирани за идната европска мрежа „Натура 2000“.

Следната фаза ќе опфати обнова на просторот и конечно институционално затворање на проектите за малите хидроелектрани.

„Чекор по чекор, Лешница ѝ ја враќаме на природата“, порачаа од Националниот парк „Шар Планина“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс