Порше под нов удар: Фолксваген разгледува укинување на повеќе од 4.000 работни места

Интерни документи откриваат нов план за намалување на трошоците, откако Фолксваген ги намали финансиските очекувања за 2026 година

Бранoт на намалување на трошоците во германската автомобилска индустрија продолжува. Според извештај на германскиот „Ханделсблат“, Порше би можел да укине дополнителни околу 4.100 работни места. Информацијата се појавува во период кога во матичниот концерн Фолксваген расте загриженоста дека досегашните мерки за штедење не се доволни за стабилизирање на работењето.

Според интерни документи од седницата на Надзорниот одбор на Фолксваген, одржана на почетокот на септември, во предлогот за сегментот „Спорт и луксуз“, кој го сочинува Порше, с наведува потреба од намалување на бројот на вработени за приближно 4.100. Во истиот документ се посочува и недостиг од околу 700 милиони евра само во сегментот на општи и режиски трошоци.

Ново намалување над веќе договорените мерки

Според германските медиуми, евентуалниот нов план за реструктурирање би се спроведувал дополнително на мерките и договорите за штедење што веќе биле усвоени. Сепак, мерките во овој момент не претставуваат конечна одлука за отпуштања.

Порше работи како самостојно акционерско друштво, поради што раководството на Фолксваген може да предложи и да препорача одредени мерки, но не може еднострано да му ги наметне на Порше. Веста доаѓа непосредно откако Фолксваген ги намали финансиските очекувања за 2026 година, што дополнително ги зголеми притисоците врз концернот да ги намали трошоците.

Германската автомобилска индустрија во последниот период се соочува со притисок од послабата побарувачка, високите трошоци и промените на автомобилскиот пазар, особено во сегментот на електрични возила. За Порше, дополнителното намалување на работните места би било уште еден чекор во процесот на реструктурирање на компанијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс