Порота во американската сојузна држава Ново Мексико утврди дека компанијата „Мета“ ги доведувала корисниците во заблуда во врска со приватноста и заштитата на личните податоци на Фејсбук.
Пресудата следува по двонеделно судење во Санта Фе, во постапка што произлегува од скандалот со консултантската компанија „Кембриџ аналитика“. Во центарот на случајот беше собирањето податоци од околу 87 милиони профили преку апликација со тест на личноста. Податоците подоцна биле користени за создавање профили на гласачите и за политичко рекламирање, без согласност од корисниците.
Поротниците оцениле дека 26 од вкупно 29 изјави што ги оспорувала државата биле погрешни или измамнички. Тие се однесувале на начинот на кој Фејсбук постапувал со корисничките податоци, но и на политиките за дезинформации, говор на омраза и надзор над апликациите на трети страни.
Според властите во Ново Мексико, утврдени се повеќе од 43 милиони прекршувања на државниот Закон за нечесни деловни практики. Поротата засега одлучуваше само за одговорноста на компанијата, додека висината на финансиската казна дополнително ќе ја утврди судијата.
Тужбата беше поднесена во 2021 година, откако поранешниот државен обвинител на Ново Мексико одлучи државата самостојно да ја продолжи постапката поврзана со аферата „Кембриџ аналитика“. Ново Мексико не се приклучи кон договорот со кој повеќе други американски држави се откажаа од идни побарувања поврзани со овој случај.
Од „Мета“ соопштија дека не се согласуваат со одлуката и дека ќе продолжат да се бранат, тврдејќи дека компанијата работи на заштита на податоците и им овозможува на корисниците контрола врз нивните информации.
Ова е втор случај во текот на 2026 година во кој порота во Ново Мексико утврдува прекршување на потрошувачките закони од страна на „Мета“. Во одделна постапка за безбедноста на малолетниците, компанијата претходно беше соочена со стотици милиони долари казни и обврска да воведе дополнителни заштитни мерки на своите платформи.