Силно невреме ја погоди Бугарија, а најтешка е состојбата во Велико Трново, Габрово и околните населени места, каде за кратко време наврнале повеќе од 70 до 80 литри дожд на квадратен метар.
Улиците се претвориле во реки, поплавени се приземни катови, дворови и подруми, а реката Јантра се доближила до критичното ниво.
Во Велико Трново е прогласена вонредна состојба. Најпогодени се Присово и Дебелец, каде дел од жителите биле сместени кај роднини и пријатели, додека службите излегле на терен за одводнување и проверка на ризичните точки.
Според последните информации, нивото на Јантра во Велико Трново почнало да се намалува, но и понатаму останува опасно високо. Во еден момент било измерено 6,90 метри, многу блиску до критичната граница од нешто над 7 метри.
Градоначалникот Даниел Панов соопштил дека водениот бран што дошол од Габрово и Дрјаново почнал постепено да се повлекува.
Специјализирана механизација работи на отстранување трупци, наноси и друг материјал што реката го носела со себе. Интервенциите се изведуваат само таму каде што условите го дозволуваат тоа, бидејќи водостоите на повеќе места сè уште се високи и ризични.
Вонредна состојба е прогласена и во делови од општината Габрово. Таму Јантра излегла од коритото во реонот на квартот Радичевец, делови од сообраќајот биле затворени, а преку системот БГ-алерт било испратено предупредување до населението.
Бугарските власти засега соопштуваат дека нема информации за жртви, но штетите се значителни. Поплавени улици, затворени патишта, прекинат железнички сообраќај на одредени делници, паднати карпи и евакуации ја покажуваат силата на невремето што за помалку од еден час го ставило регионот во кризен режим.
Најголемата опасност останува водата што продолжува да пристигнува од горните текови и притоките на Јантра. Службите ги следат реките, деретата и критичните населби, а граѓаните се предупредуваат да избегнуваат ризични патувања и да ги почитуваат насоките на полицијата и спасувачките екипи.