ЕУ подготвува заем од 90 милијарди евра и засилена воена помош за Киев

Министрите за одбрана и дипломатија во Ирска дебатираат за искористување на замрзнатиот руски имот и нови мерки против Москва.

Министрите за одбрана и за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија денеска се собраа во Виклоу, јужно од Даблин, на неформални разговори посветени на поддршката за Украина. Во фокусот на средбите е спроведувањето на европскиот заем од 90 милијарди евра наменет за Киев, како и јакнењето на украинските воени капацитети преку директна соработка со европската одбранбена индустрија.

Дневниот ред на министрите за одбрана предвидува конкретни чекори за реализација на финансискиот пакет вреден 90 милијарди евра, со цел да се обезбеди стабилност за Киев во следниот период. Разговорите опфаќаат и продлабочување на партнерството меѓу украинските вооружени сили и компаниите од европската наменска индустрија. На маса се ставени и прашањата за зголемената улога на вселенската технологија во современите одбранбени системи, како и безбедносната состојба на Блискиот Исток со фокус на поморската сигурност и Либан.

Шефовите на дипломатиите вечерва пристигнуваат во Виклоу на традиционалниот неформален состанок Гимних, каде што утре продолжуваат политичките преговори за Украина. Поради растечките финансиски потреби на Киев, министрите повторно го отвораат прашањето за користење на околу 210 милијарди евра од средствата на руската централна банка, кои се блокирани под европски санкции. Дипломатите паралелно ќе ги разгледуваат и новите пакети рестриктивни мерки насочени кон притисок врз Москва и прекин на воените дејствија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс