Според нова студија на Универзитетот во Мериленд (UMD) и Microsoft, полскиот јазик е убедливо најефикасен за комуникација со вештачката интелигенција (AI) – со прецизност од 88% при извршување на задачи. Изненадувачки, англискиот, кој традиционално се смета за најприродниот „јазик на машините“, се најде дури на шесто место меѓу 26 тестирани јазици.
„Нашиот експеримент донесе неочекувани резултати. Англискиот не беше најдобар во ниту еден модел — напротив, кога се анализираа подолги текстови, се најде на шесто место, додека полскиот покажа најголема прецизност,“ наведуваат авторите на истражувањето.
Тимот на научници тестирал како пет водечки AI системи — OpenAI, Google Gemini, Qwen, Llama и DeepSeek — реагираат на исти прашања на 26 различни јазици. Полскиот постигнал највисока точност, 88%, додека кинескиот се најде четврти од дното на листата.
Интересно е што, иако количината на податоци на полски јазик е далеку помала во споредба со англискиот или кинескиот, моделите покажале силна способност да го разберат и применат. „Излегува дека полскиот им е потежок на луѓето, но не и на AI,“ напиша Полската канцеларија за патенти во објава на Facebook.
Најдобро рангираните јазици за комуникација со AI според истражувањето се:
Полски – 88%
Француски – 87%
Италијански – 86%
Шпански – 85%
Руски – 84%
Англиски – 83.9%
Украински – 83.5%
Португалски – 82%
Германски – 81%
Холандски – 80%
