Полска по вторпат во текот на денешниот ден привремено го прекина воздушниот сообраќај на аеродромите во Лублин и Жешов поради активности на сопствената воена авијација, додека Русија изведува нови бранови воздушни удари врз цели во Украина. Властите во Варшава нагласија дека мерките се превентивни и имаат за цел целосна заштита на полскиот воздушен простор долж источната граница на земјата.
Полската агенција за воздухопловство соопшти дека операциите на двата аеродрома се повторно сопрени исклучиво поради дејствување на военото воздухопловство.
Командата на вооружените сили на Полска потврди дека системите за противвоздушна одбрана се ставени во полна готовност. Поводот за ваквата реакција беа најновите руски удари врз цели во централна Украина, по што полските борбени авиони веднаш беа подигнати за патролирање.
Истите два аеродрома беа затворени и во претпладневните часови, кога руските сили извршија масовен напад со беспилотни летала врз западниот дел на Украина.
Радарите и противвоздушните системи и тогаш беа активирани, а жителите на Лубелското и Поткарпатското војводство добија предупредувања за можна опасност. Според прелиминарните податоци на полската војска, еден руски дрон на млазен погон што се движел кон полската граница паднал или бил соборен на украинска територија, на само четири километри од граничната линија. По завршувањето на претпладневните руски напади аеродромите беа отворени, а војската констатираше дека полскиот воздушен простор останал неповреден.
Вонредните мерки на полските аеродроми следат само неколку часа откако премиерот Доналд Туск во парламентот ги презентираше безбедносните проценки за можни руски удари со ракети и дронови врз земји членки на НАТО.
Жешов и Лублин се стратешки клучни точки за меѓународната логистика и транспорт кон Украина. Секое зголемување на интензитетот на руските напади врз украинските градови автоматски создава директен безбедносен притисок врз овие погранични региони.