Полска предупредува на можна ескалација на границата со Русија: „Ситуацијата е многу нестабилна“

Полскиот премиер Доналд Туск предупреди дека земјите на источното крило на НАТО треба да бидат подготвени за нови ескалации. Лидерите повикаа на единство и засилена соработка со САД.

Земјите што граничат со Русија треба да бидат подготвени за различни форми на ескалација, бидејќи безбедносната состојба на источното крило на НАТО останува исклучително нестабилна, предупреди полскиот премиер Доналд Туск. По состанокот на лидерите на земјите од источното крило на НАТО, одржан во полскиот град Гдањск, Туск изјави дека државите кои граничат со Русија, Белорусија и Украина се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици и мора тесно да ги координираат своите активности.

„Едногласно сметаме дека ситуацијата е многу нестабилна и дека во наредните недели и месеци може да се очекуваат различни форми на ескалација“, изјави Туск.

На состанокот, организиран во рамки на Конференцијата за обнова на Украина, присуствуваа лидерите на Полска, Романија, Естонија, Летонија, Литванија, Финска и Шведска. Средбата ја одразува зголемената загриженост на земјите од источниот дел на Алијансата поради руските воени активности и хибридните закани.

Предупредување до оние што планираат провокации

Туск истакна дека поради својата географска положба овие држави се директно изложени на потенцијални закани и најави дека ќе дејствуваат координирано доколку безбедносната состојба дополнително се влоши.

„Ова нека биде предупредување до сите што планираат нешто штетно против која било од нашите земји“, порача полскиот премиер, нагласувајќи дека лидерите покажале целосно единство и солидарност.

Поддршка за силни трансатлантски односи

Туск ја потенцираше и важноста од одржување силни трансатлантски врски, и покрај неизвесноста околу идната американска политика кон Европа за време на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Сите сме согласни дека тесната одбранбена соработка со Соединетите Американски Држави останува клучна за безбедноста на Европа“, рече Туск, додавајќи дека оваа порака ќе биде повторена и на претстојниот самит на НАТО.

Во меѓувреме, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски оваа недела предупреди дека Москва би можела да организира напад „под лажно знаме“ како оправдување за натамошна ескалација на конфликтот. Предупредувањето доаѓа по заканите на рускиот претседател Владимир Путин за одмазда кон европските земји кои, според Москва, биле вмешани во нападите со беспилотни летала врз руска територија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс