Полска ги обновува засолништата од Студената војна поради растечките закани

Паралелно, полските власти планираат до крајот на годинава да ги означат местата за привремено засолнување со меѓународниот симбол за цивилна заштита.

Полскиот град Лублин повторно стави во употреба засолниште од времето на Студената војна, додека руските напади врз соседна Украина ја зголемуваат загриженоста за безбедноста.

Објектот под просториите на градскиот автобуски оператор беше изграден во средината на 1980-тите и сега е модернизиран. Може да прими 200 луѓе до 72 часа, со независно снабдување со воздух, вода и електрична енергија.

Обновата донесе и симболична промена: излезот за итни случаи сега е насочен кон запад, наместо кон исток, одразувајќи ја променетата процена за правецот на заканата, објави „Ројтерс“.

Паралелно, полските власти планираат до крајот на годинава да ги означат местата за привремено засолнување со меѓународниот симбол за цивилна заштита.

Според Полското радио, во националната апликација се евидентирани повеќе од 86.000 такви локации. Меѓу нив се подземни премини, тунели, метро-станици и подземни гаражи, кои можат да послужат при воздушни напади или силно невреме.

Овие простори не се сите специјално изградени бункери, а пристапот до голем дел од нив е ограничен. Некои се достапни само во одредени часови или по контакт со управителот, што останува важен предизвик за нивното користење во итни ситуации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс