Кај половен автомобил што е поважно: годините или километражата?

При купување половен автомобил, бројката на километражата често е првото нешто што го проверуваат купувачите. Но податоците од Центарот за возила на Хрватска покажуваат дека и староста на возилото има големо влијание врз исправноста, а помалата километража сама по себе не значи дека автомобилот е подобар избор.
Screenshot

Два автомобили можат на прв поглед да изгледаат како сосема различни понуди: едниот да биде стар шест години и да има поминато 150.000 километри, а другиот да има само 90.000 километри, но да биде стар 12 години. Прашањето е кој од нив е посигурна куповина.

Одговорот не може да се сведе само на бројот на километри. Податоците од Центарот за возила на Хрватска покажуваат дека и староста и километражата влијаат врз појавата на неисправности, но староста на возилото со текот на времето станува особено важен фактор. 

Кај помладите автомобили неисправностите се многу поретки

Кај автомобилите помлади од пет години, процентот на неисправни возила кај најдобрите марки се движи меѓу еден и три проценти.

Во 2025 година, на пример, кај „волво“ неисправностите биле 1,36 проценти, кај „мазда“ 1,38 проценти, кај „сузуки“ 1,92 проценти, кај „тојота“ 2,28 проценти, а кај „БМВ“ 2,44 проценти. 

Ситуацијата значително се менува кога автомобилот ќе влезе во категоријата од пет до десет години. Во оваа група „хондаш“ имале 4,75 проценти неисправни возила, „волво“ 5,04 проценти, „тојота“ 5,53 проценти, „мазда“ 5,67 проценти, додека „фолксваген“ бил на 6,59 проценти. 

По десет години ризикот нагло расте

Кај автомобилите постари од десет години разликата станува уште поизразена.

Според податоците, кај „мерцедес бенз“ неисправностите достигнале 14,35 проценти, кај „БМВ“ 17,41 процент, кај „волво“ и „ауди“ околу 18,3 проценти, а кај „тојота“ 19,01 процент. Кај одредени марки процентот на неисправни автомобили бил и над 25 проценти. 

Ова покажува зошто автомобилот со помалку километри не мора автоматски да биде подобра зделка.

И малата километража може да крие проблем

Километражата секако е важна, бидејќи поголемата употреба значи поголемо абење на деловите. Но бројката на километар часовник не ја кажува целата приказна.

Автомобил кој за шест години поминал 150.000 километри можеби голем дел од времето го поминал на автопат. Во такви услови моторот, менувачот, спојката и сопирачките работат во поинаков режим отколку кај автомобил кој секојдневно поминувал кратки релации низ град. 

Од друга страна, автомобил со само 90.000 километри, но со 12 години старост, може да има проблеми предизвикани токму од времето.

Гумите и заптивките стареат, цревата може да се оштетат, се појавува корозија, течностите ја губат својата ефикасност, а акумулаторот и сопирачките исто така трпат последици дури и кога автомобилот не се вози често. 

Што е поважно при изборот?

Ако изборот е меѓу релативно млад автомобил со поголема километража и значително постар автомобил со мала километража, добро одржуваниот помлад автомобил често може да биде посигурен избор.

Но тоа не е правило што важи за секој автомобил.

Многу поважна од самата километража е историјата на конкретното возило. Сервисната документација може да открие дали автомобилот редовно бил одржуван, додека проверката на историјата може да покаже дали километражата е реална и дали возилото било учесник во сообраќајка.

Важен е и прегледот на шасијата, состојбата на моторот и менувачот, како и начинот на кој автомобилот се однесува при ладно стартување. 

Затоа, при купување половен автомобил, годините и километражата треба да се гледаат заедно, а не одделно. Автомобилот со помалку километри не е нужно подобар, исто како што автомобилот со повеќе километри не мора да биде лош избор.

На крајот, најмногу вреди да се провери конкретниот автомобил, неговото одржување и реалната состојба, а не само бројката на километар часовникот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс